Курти го повика Тачи на состанок за координирање на дипломатските активности

Косовскиот премиер Албин Курти со писмо му се обрати на претседателот на државата Хашим Тачи, во кое го повикува да се сретнат во текот на денешниот ден за да го координираат дејствувањето во надворешната политика на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова е втора покана од Курти до Тачи, откако на 13 февруари побара средба пред Минхенската конференција за безбедност и потпишувањето на писмото за намери за обновување на железничкиот и патниот сообраќај меѓу Косово и Србија.

Во писмото на Курти, кое неговиот кабинет синоќа го достави до медиумите, се наведува дека „презентирањето на републиката треба да биде едногласно„ и „разликите треба да останат внатре во земјата, без да влијаат при нејзиното претставување“.

– Ви пишувам повторно, за да се сретнеме и да разговараме за нашето усогласување во надворешната политика. Како што ви напишав и во моето последно писмо, од 13 февруари 2020 година. Надворешната политика е таа која треба да не зближи, се вели во писмото на премиерот до претседателот на Косово.

Како и во претходната покана, Курти и за денеска му предлага на Тачи да одбере термин во кој ќе му одговара да се сретнат, во 9.00, 13.00, или 18.00 часот.