Курти: Името „Отворен Балкан“ е лажно и погрешно

Името на „Отворен Балкан“ е погрешно и лажно, вели премиерот на Косово, Албин Курти.

Тој изјави дека таа иницијатива е штетна за Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти изјави дека неговиот став за „Отворен Балкан“ на премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и на претседателот на Србија, Алексадар Вучиќ, е непроменет.  Инаку, оваа иницијатива има за цел да го олесни движењето на луѓето и протокот на стоки меѓу трите земји. Косово од почеток не сака да се вклучи во иницијативата.

Инаку, во Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски смета дека „Отворен Балкан“ е добра можност за државите од регионот.

На крајот на состанокот на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, кој се одржа во Ниш од 12 до 14 ноември, потпишани се два заклучоци од работните средби, со кои се дефинирани сите активности што треба да се спроведат до самитот во Тирана на крајот на декември. Овие заклучоци ќе придонесат за олеснување на трговијата, соработката во областа на безбедноста на храната, фитосанитарна и ветеринарна инспекција, како и слободниот пристап до пазарот на трудот за граѓаните од трите земји, сопштија од српската Влада.