Курти не слушнал ништо ново од Мустафа

Лидерот на движењето Самоопределување (VV) Албин Курти, кој се очекува да биде иден премиер на Косово откако неговата партија победи на октомвриските парламентарни избори, изјави дека претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа во неговото вечерашно обраќање не кажал ништо ново во врска со евентуалната владина коалиција на двете партии.

Курти за приштинските медиуми одбил да коментира дали неговата партија и LDK, како победнички на изборите, ќе договорат заедничка влада и изјави дека од Мустафа го слушнал тоа што веќе го знае.

Коментарот на Курти, даден на церемонија на доделување на наградите FIDES 2019 за филантропски придонес на индивидуи, организации и бизниси во Косово, следува по изјавата на Мустафа дека Генералниот совет на LDК вчера попладне одлучил во преговорите со VV да биде опфатена поделбата на сите функции, вклучително и онаа на претседателот на државата.

Двете досега опозициски партии ги започнаа преговорите за формирање на новата влада веднаш по изборите на 6-ти октомври, на кои победи ВВ со 26,27 отсто, а второпласиран беше LDK со 24,54 отсто освоени гласови.

До застој во преговорите меѓу двете партии дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.