Курти: Некој сака конфликт во северно Косово за да ја реализира поделбата на земјата

Вршителот на должност претседател на косовската влада Албин Курти изјави дека одредени политичари во Србија и Косово посакуваат конфликт во косовскиот север, со цел да го реализираат планот за размена на територии меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното видео-обраќање до граѓаните, Курти ги негира тврдењата на одредени политички лидери, меѓу кои и на претседателот на државата Хашим Тачи, дека во северниот дел на земјата, населен со мнозинско српско население, Владата на Косово нема никаква контрола и се спроведуваат законите и одлуките на Белград.

Премиерот вели дека не е вистина оти карантин во општините Северна Митровица и Звечане е воведен по налог на српските власти, туку тоа е одлука на косовското Министерство за здравство, кое не прави од тоа „голема фама“, затоа што не сака да ја продлабочува уште повеќе здравствената криза.

– Има високи политичари во Белград кои сакаат конфликт во Косово, посебно северно од Ибар. Меѓутоа има и високи политичари и официјални лица и во Приштина кои сакаат конфликт во Косово, посебно северно од Ибар. Нивниот проект за размена на територии кога би се реализирал би предизвикал нови конфликти и крвопролевања. Сега сакаат конфликти и крвопролевања на терен за да се вратат на размената на територии, односно на поделбата на Косово, порача Курти.

Според него, во тој правец беше и барањето на претседтелот Хашим Тачи и другите политчки кругови за прогласување вонредна состојба во земјата.

– Бидејќи не успеаја да ја прогласат за да ја предизвикаат (вонредната состојба), сега сакаат да ја предизвикаат за да ја прогласат, вели Курти.

Тој ги повика граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста и да не им веруваат на тие кои придонесоа за поделбата на градот Митровица.

– Зачувајте ја ладнокрвноста и немојте да дозволите да станете жртви на тие кои, за да прослават со шампањ, имаат потреба да ја пролеат нашата крв. Немојте да подлегнувате на провокации. Тоа е замка во која самите ќе паднат. На тие што придонесоа за поделбата на Митровица немојте да им верувате, порача Курти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.