Курти: Од синоќа во Косово има надеж, затоа што вчера имаше храброст

Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ) Албин Курти, ден по парламентарните избори во Косово, на кои неговата партија извојува победа, им се обрати на граѓаните, порачувајќи дека „од синоќа во Косово има надеж, затоа што вчера имаше храброст“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека „народот вчера одлучи промените да ги предводи Движењето Самоопределување“.

– На сите вам кои гласавте вчера сум ви благодарен што ја исполните граѓанската должност и демократската обврска во едно тешко време како што е ова низ кое поминуваме и во една сакана држава каква што е нашето Косово. Сите вам кои гласавте за промени, а посебно за Самоопределување, сум ви благодарен за високата свест и длабоката совест за спасување на нашата република од натамошното пропаѓање, напиша Курти.

Според лидерот на ВВ, кој синоќа објави дека ќе биде иден премиер на Косово, граѓаните придонесоа за тоа „косовската драма да нема трагичен крај“.

– Граѓаните проговореа со нивните гласови. Тие интервенираа масовно на политичката сцена за косовската драма да нема трагичен крај. Мудроста на нашиот народ во решавачките моменти беше ништо помалку од фантастична. Сега ние треба да работиме. Но повторно заедно со граѓаните. Никогаш настрана или позади граѓаните. Заедно, секогаш, порача Курти.

Според официјалните резултати што ги објави Централната изборна комисија, на вчерашните избори ВВ освои најмногу, 25,76 отсто гласови, а втор беше, исто така досега опозицискиот, Демократски сојуз на Косово (ЛДК) со 25,06 отсто од гласовите. Демократската партија на Косово (ПДК) и коалицијата Алијанса за иднината на Косов (ААК) – Социјалдемократска партија (ПСД), кои досега беа на власт, освоија 21,18 односно 11,61 отство од гласовите и го признаа изборниот пораз. Во српскиот блок убедлива победа извојува најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), со освоени 6,22 отсто од вкупниот број на гласови на вчерашните избори и околу 98 отсто од гласовите кои ги добија сите партии на српската заедница во Косово.