Курти сака апсолутна власт, во спротивно најавува нови избори

Премиерот на косовската влада, Албин Курти, изјави дека доколку Вјоса Османи не биде избрана за претседател на косовските институции, ќе има нови избори.

Тоа го рече во обраќањето пред пратениците во продолжението на конститутивната седница на Собранието и додаде дека е потребно што поскоро да се конституираат институциите, пренесува порталот Reporteri.

„Ситуацијата во врска со ковид е многу сериозна, имаме големи проблеми во енергетскиот сектор и не можеме да ги решиме се додека не се формираат институциите“, рече Курти.

Аналитичарот Петрит Зогај проценува дека Албин Курти ќе биде единствениот виновник доколку Косово ќе мора да одржи нови предвремени парламентарни избори.

Зогај верува дека Курти тоа ќе го стори исклучиво за лични интереси, а не за доброто на граѓаните.

„Ако треба повторно да одиме на избори, единствениот виновник е Албин Курти, кој ја гради својата кариера врз политичките кризи што ги предизвикува. Во исто време, граѓаните се соочуваат со здравствена и економска криза. Напротив, Курти не се соочува со здравствена или економска криза. Затоа што живее подобри од 90 проценти од граѓаните на Косово“, оценува Зогај.

„Новите избори не се во интерес на граѓаните, туку исклучиво во личен интерес на Курти Албин, кој сака апсолутна власт. Изборите се хранат со неговото его и желба за одмазда“, додава Зогај во објавата на социјалните мрежи.