Курти: Владата се урива за да се овозможи размена на територии меѓу Косово и Србија

Косовскиот премиер Албин Курти во своето обраќање на собраниската седница на која се расправа за доверба на неговиот кабинет, изјави дека вистинската намера за смена на Владата која тој ја води е да се овозможи постигнување договор за размена на територии меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вистинскиот мотив за негова смена, рече Курти, не е разрешувањето на министерот за внатрешни работи од редовите на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Агим Велиу, ниту пак наводното расипување на односите со Соединетите Американски Држави.

– Уверен сум дека моторот на ова брзање нема врска со министерот (Велиу), ниту со наводното повлекување на американските трупи, туку, ни помалку ни повеќе, со еден готов договор за размена на територии. За реализирање на ова пазарење на претседателите потребно е да се урне владата. Пазарот со оваа влада која јас ја водам не може да се реализира, порача Курти.

Тој го обвини косовскиот претседател Тачи дека има сопствени агенди, кои се на штета на Косово, но оти тие не може да ги реализира додека на власт е оваа влада.

– Се обиде да прогласи вонредна состојба, не му успеа. Замина во Белата куќа да склучи договор, зошто не го склучи. Нема договор ниту во Белата, ниту во зелена, ниту во црвена куќа. Работата е да се тргне оваа влада. Јас сум убеден дека готов договор има и тоа практично ми го потврди самиот тој. Се сретнав со претседателот, не се договоривме, два часа разговаравме. Три пати ми повтори: „укини ја таксата, премиеру, одиме јас и ти заедно во Ваингтон, го склучуваме договорот заедно. Да ја тргнеме од врат еднаш и засекогаш Србија“. Овие пазарења се штетни и јас нема да соработувам во тоа, изјави Курти.

Косовскиот премиер рече дека претседателот Тачи минатата недела, со иницијативата за прогласување вонредна состојба, се обидел да изведе државен удар.

– Денеска сум среќен што не се прогласи вонредна состојба. Пред една недела имаше обид за државен удар. Ќе излезат на виделина сите транскрипти за ова, изјави Курти.

Тој нагалси дека за него, како премиер, примарна цел во овој момент е справувањето со епидемијата на вирусот Ковид-19.

– Јас не ја жалам оваа влада, ниту пак се жалам себеси. Јас ги жалам луѓето, граѓаните, народот заради тоа што им се прави со оваа моција за недоверба. Како прво, со ова се остава народот без својата влада, без владата за која гласаше. Како второ, ја остава земјата без една реформска влада, за која никој нема дилеми дека се бори против корупцијата. И како трето, сакате да го оставите народот без влада токму среде ширењето на коронавирусот во најзначајната недела на нашето справување со него, кое е пример и за земјите во регионот, изјави Курти.

Тој порача дека, и тие што ја уриваат владата во Собранието, знаат дека тој ја има поддршката на граѓаните на Косово.

– Народот знае дека јас ја немам вашата поддршка како пратеници на опозицијата, народот знае дека и од некои од пратениците на ЛДК ја немам поддршката. Но сите вие знаете дека оваа влада ја има поддршката на граѓаните, кои во моментов се во една тешка ситуација, рече Курти.

По обраќањето на премиерот, вонредната седница на Собранието, свикана на иницијатива на досега владејачкиот Демократски сојуз на Косово, продолжи со дискусија, за која се пријавени голем број пратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.