Куртоа: Не се враќам на Островот ако загубиме од Англија

Тибо Куртоа, голманот на репрезентацијата на Белгија, рече дека неговиот тим ќе стори сé за триумф на натпреварот од последниот круг од Групата „Г“ против Англија.
„Црвените ѓаволи“ и „Горди Албион“ обезбедија место во осминафиналето на Мундијал по две одиграни кола. Двата тима имаат по шест бода и идентична гол разлика – 8:2, па одлуката за лидерот на групата ќе се реши во заеднички дуел во Калининград во четвртокот.

Ако сакате да го задржите тоа победничко чуство, тогаш ќе мора да ги победите сите. Не сакам да се вратам во Англија како поразен. Сакам победа и верувам дека сите размислуваат на тој начин, рече Куртоа, кој од 2014 година брани за лондонски „Челзи“.

Покрај него, уште неколку Белгијци играат во Премиер Лигата. Меѓу нив е и дефанзивецот на „Тотенхем“, Јан Вертонген.

Ќе биде интересно да се видат момците од другата страна, рече Вертонген, додавајќи дека има многу соиграчи од „Тотенхем“.