Кувајт и САД ветија помош од 880 милиони долари за Сирија

Кувајт денеска вети помош од 500 милиони долари, а САД  380 милиони долари за помош на хуманитарните напори на Обединетите нации во Сирија, каде веќе три години  не запира граѓанската  војна која однесе многу човечки животи.

Американскиот државен секретар Џон Кери и кувајтскиот  емир, Шеик Сабах ал Ахмед ал Сабах, ветија  дека ќе им помогнат  на Обединетите нации на почетокот на донаторската конференција, откако  ОН истакна дека е потребна помош  од 6,5 милијарди долари за  Сирија во 2014 година, пренесоа светските агенции.

„Помошта е наменета за  домаќинствата погодени од војната во Сирија, но и за бегалците во соседните земји“, рече Кери.

Кувајтскиот емир  рече дека  во Сирија трае хуманитарна криза која што ги уништува сите  знаци на живот.

ОН во декември испрати голем апел до меѓународната заедница, нагласувајќи дека Сирија поради конфликтот е вратена назад 35 години, и дека половина од населението сега живее во беда и сиромаштија.

Финансиска поддршка е неопходна за  да се обезбеди храна, медицински материјали, вода и засолниште за жртвите на конфликтот меѓу режитемот на озогласениот претседател Башар ал Асад и бунтовниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.