Кузеска: Одлуката на Апелациониот суд да се пушти од притвор Мијалков е удар врз правдата

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на прес-конференцијата вио средата  истакна дека е скандалозна одлуката на судот да ја прифати гаранцијата, со што на поранешниот директор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков му се укинува притворот.

„Денеска целата македонска јавност е сведок на силен удар врз правдата од страна на судиите во Апелацискиот суд во Скопје. Мијалков издржува мерка притвор во предметот Трезор каде што е осуден на 8 години затвор, со се уште не правосилна пресуда. Исто така, за Мијалков има и втора неправосилна пресуда од 12 години за нелегеланото прислушување“, рече Кузеска.

Ги прозва судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години, да донесат ваква одлука.

„Како оцениле дека не постои ризик од бегство? Но сите граѓани многу добро знаат дека Мијалков беше недостапен за институциите и сега ризикот е повторно голем. Оваа одлука директно ја загрозува правдата, не само за овој предмет, туку и за сите останати кои се водат за него, како и за криминалот на други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ“, додаде портпаролката на СДСМ.

Кузеска ги повика сите  надлежни институции да се вклучат во овој случај, за да не се дозволи бегство.

„Судиите се независни, но оваа срамна и скандалозна одлука отвора сериозни сомнежи и претставува директен удар врз кредибилитетот на судството да испорача правда за секој“, смета портпаролката на СДСМ.