Кузеска: Пецаков треба да одговара за непочитување на здравствените протоколи и свесно ширење зараза

Скандалозно и крајно неодговорно, вака СДСМ го нарече  однесувањето на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков, кој наместо во изолација, верскиот празник Водици го дочека на Охридското крајбрежје со голем број луѓе.

Од СДСМ го обвинуваат дека на овој начин, чекајќи го резултатот од тестот, во опасност ги ставил сите присутни.

– Без маска и без никакво почитување на протоколите, Пецаков се ракуваше со граѓани, сопартијци и амбасадори. Ова не е само непочитување на одредбите и законите, ова скандалозно однесување на Пецаков е непочитување на граѓаните, на охриѓани, но и непочитување на лекарите и медицинските лица, рече Богданка Кузеска на прес-конференција, потенцирајќи дека неодговорноста е одлика на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа запраша зошто лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски молчи за однесувањето на Пецаков и дали ќе го повика на одговорност. Воедно потсети и на ситуацијата кога Мицкоски за време на пандемија беше затекнат во скопска кафеана.

– Пецаковски не треба да бара изговори со манипулации, за некакво скијање во Банско, туку да одговара, рече Кузеска.

Пецаков инаку претходно рече дека не се изолирал бидејќи немал никакви симптоми, а тестот го направил поради закажаното зимување во Бугарија. Тој направил два теста, првиот излегол позитивен, но бидејќи му било сомнително тој направил уште еден тест кој излегол негативен.

Здравствените власти велат дека лажно негативен тест е можен, но нема случаи на лажно позитивен тест. Пациентот може да направи колку сака тестови, но за лекарите велат дека е битен позитивниот.