Квалификации за СП 2018: Луксембург ѝ откина бод на Франција

Фудбалерите на Луксембург остварија историски успех играјќи без голови против моќната Франција во Тулуз и така ја компликуваа ситуацијата во Групата А од европските квалификации за Светското првенство во 2018 година чиј домаќин ќе биде Русија.

Французите пропуштија многубројни шанси, но и Луксембург пропушти можност да се доближи до освојувањето на сите три бода кога во 79 минута Родригез беше за малку непрецизен кога излезе сам пред Уго Љорис, но ја погоди стативата.

Во оваа група води Франција води со 17 бодови, пред Шведска со 16 бодови, а Холандија со денешната победа ја мина Бугарија и се проби на третата позиција со 13 бодови, а Бугарија остана на 12 бодови.

Белгија, пак, направи чекор кон Русија победувајќи ја во Пиреја домашната Грција со 2:1. До 70 минута се играше без голови, а тогаш Вертонген погоди за водство на гостите. По само три минути изедначи Зека, а веќе во 75 минута Ромелу Лукако ги постави конечните 2:1.

Резултатот од дуелот во Грција ѝ оди во прилог на Босна и Херцеговина која со 4:0 го совлада Гибралтар. Двоен стрелец беше Един Џеко во 35 и 85 минута, а по еден гол постигнаа Кодро во 65 и Лилиќ во 83 минута.

Во оваа група во којашто Естонија претходно во неделата го совлада Кипар со 1:0, во водство со 22 бодови и сигурен директен пласман на мундијалот е Белгија, додека за дополнителните квалификации ќе се борат БиХ со 14, Грција која има 13 и Кипар со 10 бодови.

Во Групата Б Португалија славеше на гостувањето кај Унгарија со 1:0, а голот за трите бода го постигна Андре Силва во 48 минута. Швајцарија го задржа стопроцентниот ефект со уверливата 3:0 победа на гостувањето кај Латвија. Сеферовиќ во 9, Џемаили во 55 и Родригез од пенал во 58 минута беа стрелци, а Швајцарците не реализира уште еден пенал во првото полувреме кој го изведе Џемаили.

Швајцарија е прва на табелата со 24 бодови во трката со Португалија која заостанува за три бодови, а трета со големо заостанување е Унгарија со 10 бодови.

Претходно во неделата претпладнето Хрватска го доигра прекинатиот меч со Косово, кој го доби со голот на Вида во 74 минута. Во оваа Група И, води Хрватска со 16 бодови, а зад петиците ѝ се Украина со 14 и Исланд со 13, па и Турција која има 11 бодови.