Квалитетни наставни програми и зголемување на реалната пракса на учениците

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски при вчерашното гостување во ТВ Нова истакна дека покрај градежните инвестиции во образовната инфраструктура кои што се реализирани или се во фаза на реализација, Владата и Министерството за образование и наука  инвестираат во обезбедување на квалитетни наставни програми,  во реформите на средното стручно образование и во интензивирањето на практичната настава кај учениците.

-Новите генерации на ученици од основно образование учат по најсовремени учебници од Кембриџ кои придонесуваат за полесно совладување на материјата, за зголемена интеракција и критички начин на размислување. Во текот на минатата година ја заокруживме реформата на наставните програми по математика и природните науки од прво до деветто одделение, изјави Ристовски додавајќи дека оваа година се продолжува со реформата во средното образование, со цел за да се обезбеди континуитет при стекнувањето на конкурентно знаење, посочи Ристовски.

Тој исто така истакна дека еден од најзначајните сегметни кои што ќе бидат интензивирани и унапредени е практичниот дел од наставата, пред се во делот на средното стручно образование.

-Со поддршка на Светската банка реализираме проект кој овозможува поврзување на компаниите и училиштата и на тој начин се обезбедува зголемување на реалната пракса. Во делот на модернизацијата на наставните програми, за три годишното средно стручно образование се подготвени, а се работи и за четири годишното средно стручно образование, и се предвидува обврска за сите училишта да склучат договори со компании, при што учениците уште додека учат ќе одат на практична работа која што потоа многу полесно ќе им овозможи пристап до пазарот на труд и полесно вработување, изјави заменик министерот Спиро Ристовски.