Квалитетот на воздухот приоритет на национално и локално ниво

Квалитетот

Тоа се дел од препораките за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните, изнесени на денешната завршна конференција на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на квалитетот на воздухот“.

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, рече дека Министерството во континуитет реализира низа активности во правец на подобрување на квалитетот на воздухот и дека веќе предложиле на Владата воведување сообраќаен режим пар-непар и задолжување на државните и јавни институции за 50 отсто да го намалат користењето на службените возила.

Во рамки на проектот беа зајакнати административните капацитети за спроведување и мониторинг на воздухот, се изготви инвентар на емисии на загадувачки супстанци на национално ниво, се подобри дисперзионото моделирање за оценка на квалитетот на амбиенталниот воздух и се спроведе кампања за дополнителни мерења со цел утврдување на моделите на извори. Изготвен е извештај за состојбата со квалитетот на возудхот во последните години, подобрена е функционалноста на порталот за квалитет на воздухот и изготвени се плански документи за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје и Тетово, рече Амети.

Посочи дека успехот на досега реализираните проекти за подобрување на животната средина со партнери од Финска и Австрија покажуваат дека ваквиот модел на соработка е многу ефикасен и овозможиле Македонија да ги зајакне своите капацитети, да подготвни значајни национални документи и да се подигне свеста на граѓаните за загадувањето со воздухот.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека проблемот со квалитетот на воздухот не знае за граници и ЕУ ги поддржува властите во изнаоѓање и менаџирање на мерки и планови за справување со загадувањето на амбиенталниот воздух.

Загадувањето на воздухот е проблем низ цела ЕУ и наспроти одредени подобрувања годишно предизвикува 400 илјади смртни случаи. ЕУ става големо значење на квалитетот на воздухот во секоја земја и со овој проект на националните и локални институции им се овозможува подобрување на капацитетите за имплементирање на законодавство и мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, како и за зголемување на свеста на граѓаните, рече Жбогар.

Посочи дека квалитетот на воздухот треба да биде висок приоритет и на национално и на локално ниво и дека е неопходна постојана посветеност на властите и институциите, малите и големите бизниси и на самите граѓани за подобрување на воздухот.

Претставникот од Министерството за надворешни работи на Финска Анти-Веико Каутонен, рече дека проектот се фокусира на подобрување на квалитетот на воздухот преку добивање на веродостојни информации врз основа на кои може да се креираат ефективни политики и правилно имплементирање на мерки.

Проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на европското законодавство во областа на квалитетот на воздухот“ е поддржан од Европската унија со буџет од 1,1 милион евра и имплементиран во периодот мај 2015 – јануари 2017 година.

Главна институција корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а Институтот за јавно здравје, Град Скопје и други општини беа вклучени во проектните активности. Главни партнери се Финскиот метеоролошки институт и Агенцијата за животна средина на Австрија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.