Лајчак констатира дека силата на Европа сега влијае врз Западен Балкан

Шефот на словачката дипломатија Мирослав Лајчак говорејќи за приклучувањето на земјите од Западен Балкан во Европска Унија го спореди со времето кога Словачка и Чешка станаа членки на ЕУ.

– На Словачка и на Чешка тоа и го овозможи Кадифената револуција и тие тоа во целост го искористија, додека некои земји од Западен Балкан се уште чекаат таква можност, посочи Лајчак.

Тој додаде дека иако Железната завеса падна пред 30 години, тоа подеднакво не влијаело на сите европски земји, но Словачка и Чешка биле доволно среќни да станат членки на ЕУ.

– Меѓутоа времињата се сменија и Европа во моментот се соочува со различни проблеми, а проширувањето на ЕУ веќе не е така атрактивна тема, истакна Лајчак.

Тој оцени дека силата на Европа што влијаела врз Словаците и Чесите пред 30 години, сега влијае врз Западен Балкан.

– Не треба да ја заборавиме оваа моќ и не треба да ги заборавиме луѓето кои сакаат да бидат дел од нашиот европски простор и системот на вредности, наведе Лајчак.