Лајчак: Реално е да се очекува договорот меѓу Белград и Приштина да се постигне до март следната година

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот на Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави дека тој како дипломат ги признава сите одлуки на меѓународните организации, вклучително и на Меѓународниот суд на правдата (МСП) за прогласување на независноста на Косово, одлука со која не се нарушува меѓународното право, јави дописникот на МИА од Белград.

Лајчак за приштинската телевизија Клан Косово, изјави дека неговите изјави против независноста на Косово биле дадени во 2009 година, една година пред пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

-Ја почитувам одлуката на МСП, која кажува дека тоа не е газење на меѓународните закони и тоа ја смени ситуацијата. Јас сум дипломат и секако дека ги почитувам меѓународните институции и одлуките на МСП. Најважно од сè, имам отворен ум, немам тајна агенда и поседувам искуство за да се решат нерешените проблеми меѓу Косово и Србија, оцени Лајчак.

На прашањето за изјавите на премиерот на Косово во оставка, Албин Курти, дека постои готов таен договор меѓу Косово и Србија, кој треба само да се потпише, Лајчак кажа дека никогаш нема слушнато за таков договор.

-Јас нема да шпекулирам, не го правам тоа. Јас не сум видел таков договор ниту некој ми кажал дека има таков договор. Јас работам само со факти, имаме јасна агенда, имаме дијалог и знаеме која е нашата цел. Шпекулациите ги оставам на другите, јас сум целосно фокусиран на она што го имам пред себе, ова е дијалог, што е и мојот мандат, кажа тој.

Лајчак порача дека ЕУ јасно ставила до знаење дека очекува Косово и Србија да се воздржат од какви било активности кои потенцијално би можеле да ја влошат ситуацијата, затоа што „ние сакаме да создадеме атмосфера за позитивен исход од дијалогот и тоа се наши очекувања“.

Лајчак смета дека е реално да се очекува договорот меѓу Косово и Србија да биде постигнат до март следната година, но дека не е важно дали тој ќе биде во март или април, позначаен е „квалитетот на тој договор“.