„La commedia è finite“: Кога Арлекинот посака да биде цар

Kleptocracy (kléptēs, „крадец“, и κρατία, „моќ, владеењеe“) е владеење на корумпирани лидери.

Клептократијата во Македонија има ново заштитено лице. Софистицирано, брендирано, ботоксирано и родово недефинирано. Онака како што и’ личи на државата. Со променето име и безидентитетска. Секоја држава има криминал, а секоја власт криминалци што ги заслужува. Или, што ги изнедрила од необразованоста, простотилакот, медиокритетството и глупоста на своето владеење. Новото лице на криминалот во Македонија носи „Гучи“. А, можеби и „Прада“. Звучи трансродово и изгледа така…. феминизирано.

Не можам да разберам! Од каде се појавија ваквите ликови? Или биле од секогаш тука, но јас не сум ги забележувал. А, и нема што да биде забележано. Барем не во мојот свет. Се прашувам чија креација се? Модна сигурно не се. Без оглед што мислат за себе и како се доживуваат. Криминална секако, ама не од оној стар модел на криминалци што ги познававме и учевме на факултет. Новиве се производ на политичките и финансиските елити во Македонија кои ја контролираат државата во транзицијата. На поредокот востановен од транзиционите кич богаташи и корумпирани политичари во изминатите 30 години. Клептократите и плутократите во Македонија се претворија во канцер на демократски избраните институции корумпирајќи ги. Тие секогаш одново не’ уверуваат во безперспективноста во иднината на државата и го засилуваат ендемското разочарување во македонската транзиција.

Ако воопшто нешто се менува кај нас тоа е моделот и сликата за клептократијата. Клептократијата во Македонија се менува и добива нова унапредена и надградена ботоксирана верзија. Колку поблиску до ЕУ, толку порадикални се промените. Секако на лошо. Барем нешто ново и’ презентиравме на ЕУ: успеавме да и’ го покажиме новото софистицирано и ребрендирано лице на криминалот и високата корупција кај нас. Зачинето со нашиот простотилак. Клептократите кај нас покажаа дека секогаш има нова свежа крв што може да биде инфузирана во високата корупција. Новите „дечки“, сега се калени низ социјалните мрежи, Твитер и реалните шоуа, како средство за евтина и простачка забава. Си најдоа свој Арлекин во „Commedia dell’arte“ што ни ја сервираат со години. Со тоа што овој Арлекин посака да биде нешто повеќе од шут во комедијата. Едно научил многу добро: колку и да ве исмејуваат и да ве прават недоветна и ексцентрично забегана будалетинка, парите се тие што купуваат моќ и почит. И тоа не какви било пари. Многу пари. Кловнот потврди дека парите кај нас купуваат се’. Од медиумска, до политичка наклонетост.

А, вие мислите дека сериозни луѓе ни ја водат државава! Дека се грижат за владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Зад големите празни зборови за посветеноста на власта и институциите за борба против криминалот и корупцијата, медиумски затскривана течела акција на инфилтрирање на клептокративе во политичкиот систем на државата, преку свесно заобиколување на прописите и законите за спречување на перење пари. Одеднаш нашиот Арлекин клептократ си најде лобисти во политичката елита (јадна ни елита) за негово ребрендирање во медиумски могул, филантроп и ангажиран глобален граѓанин. Очај од луѓе, кои продефилираа на црвениот тепих на брендираниот криминал.

Веќе не може да се оспори дека демократијата што ја промовира оваа власт не само што ја испра репутацијата на клептокративе, туку им овозможи мрежа на услуги што го олеснија нивното клептократско однесување. Новинари, адвокати, банкари, политичари, па и обвинители, особено специјални, и судии обезбедија креативни механизми преку кои Арлекинот се стекна со лажен углед, репутацијата и најважно – можност да рекетира. Кога политичкиот и обвинителскиот естаблишмент му се поклонува и ракоплеска на брендираниот софистициран клептократ, не може да очекувате од нив да ги видат и проценат корозивните ефекти од неговото криминално  однесување по демократијата во државава. Колку корозијата го разјадила системот во кој Арлекинот посака да биде цар, допрва ќе гледаме.

Очигледно е дека во македонската „Commedia dell’arte“, Арлекинот клептократ си додели главна улога, потсмевајќи им се и нудејќи им на безличните, необразованите, неморалните, недокажаните и нереализираните во секој поглед, жедни за одмазда и внимание да ја споделат сцената со него. Перформансот и „уметниците“ беа организирани и ставени на сцената со величествена театарска вештина. Пародија на невкус и кич. Секаква, а најмнгу ментална. Додека тие му се восхитуваа на неговиот стјалинг, неговото филантропство и неговиот перформанс, тој изнудувал пари. Така комотно и со стил. Ваква комоција во криминално изнудување на пари значи само едно: Македонија е клептократска држава во која се корумпирани основните столбови на демократијата. Поточно, во која е корумпирана власта. Не случајно велат дека стабилни демократии со функционални институции можат да ги спречат клептократските практики низ заштита на фундменталните мерки на одговорност, како што се судската независност, слободните медиуми и вибрантното цивилно општество. Очигледно тоа не сме ние.

Арлекинот клептократ и сите оние што го газеа неговиот црвен тепих станаа дел од една поголема претстава на очајот и менталната забеганост и замор на целото општество. Што трае предолго. Во нивната осаменост овие кловнови што ја делат визуелната хомогеност на Арлекинот клептократ стануваат темното огледало на времето во кое постојат. „La commedia è finite“. Фарсата заврши. Завесата е спуштена.

А, тогаш Министерот за надворешни работи импресиониран од моментот на апсење на Арлекинот, ќе воскликне: Ќе не биде!!!. Онака хамлетовски. Да, може ќе не биде, ама кога вас нема да ве биде. Зашто успеавте македонската драма да ја претворите во комедија.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес