Ла Лига: Левандовски исклучен, Барселона со пресврт до победата

Фудбалерите на Барселона ги освоија сите три бода на гостувањето во Памплона, победувајќи ја Осасуна со 2:1, иако играа со десет играчи повеќе од еден час, поради исклучувањето на Роберт Левандовски.

Осасуна поведе веќе во 6 минута, а голот го постигна Давид Гарсија. Роберт Левандовски го заработи првиот жолт картон во 11 минута, поради непотребно влечење. По 20 минути полскиот напаѓач скокна врз противничкиот дефанзивец и го удри со лакт во пределот на вратот, а судијата Манзано без двоумење му покажа втор жолт, а потоа и црвен картон.

Тоа не беше единствениот црвен картон што го добија Каталонците. Имено, во финишот на првото полувреме го доби и Жерар Пике кој беше на клупата за резерви, а Манзано му покажа црвен картон поради жестоки приговори.

Иако со играч помалку на теренот, Барселона со пресврт во вториот дел успеа да дојде до сите три бода. Педри погоди за израмнување во 48 минута, а Рафиња ѝ донесе победа на Барселона со одличниот гол во 85 минута, кога Френки де Јонг му испрати долг пас од средината на теренот, а Бразилецот со глава го совлада домашниот голман Аитор Фернандез од работ на казнениот простор.

Барселона со оваа победа стигна до 37 бода, пет повеќе од второпласираниот Реал Мадрид кој има натпревар помалку. Паузата поради Светското првенство Каталонците сигурно ќе ја дочекаат како водечка позиција во Ла Лига, а колкава предност ќе имаат ќе зависи од исходот на дуелот меѓу Реал Мадрид и Кадиз, кој е закажан за в четврток на „Сантијаго Бернабеу“.

Фудбалерите на Атлетик го совладаа Ваљадолид во Билбао со 3:0 (1:0) и привремено дојдоа до третото место во шпанското првенство. Горка Гурузета беше двоен стрелец за баскискиот тим. Првиот гол го постигна во 19 минута, а вториот во 51 минута. Стрелец на третиот гол за домаќините беше Даниел Вивијан во 78 минута.

Во првиот натпревар од 14-то коло, Жирона победи со 2:1 на гостувањето кај Елче. Пол Лирола ги доведе домашните во водство во 19 минута, а во 39 минута гостите израмнија преку Иван Мартин. Победата на Жирона ѝ ја донесе Валентин Кастеланос со гол во 66 минута.

Жирона привремено стигна до 13-та позиција со 16 бодови, додека Елче е закован на дното со само четири бода.