Лајм: ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ги финализираат преговорите за Влада, Еленовски премиер!?

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ги финализираат преговорите за формирање Влада, објави доцна попладнево интернет порталот на албански јазик „Лајм“ повикувајќи се на извор од ВМРО ДПМНЕ.

Според информациите на медиумот, дел од договорот меѓу Христијан Мицкоски и Али Ахмети е за премиер да биде избран поранешениот министер за одбрана, Лазе Еленовски, кој на извесен начин го исполнува барањето на интегративците за Албанец премиер. Еленовски има албанско потекло по неговата мајка.

„Лајм“ пишува дека она што преостанува е Мицкоски да го убеди претседателот на Левица, Димитар Апасиев, да ја поддржи оваа владина коалиција.

Информацијата, покрај во „Лајм“, е објавена и во неколку други медиумите на албански јазик и сите наведуваат дека ваквиот договор не би предизвикал револт и кај членството на ВМРО ДПМНЕ бидејќи е јасно дека декларирањето на Еленовски како Албанец „е само за потребите на дневната политика“.

„Официјално, двете страни нема да ги потврдат овие информации без да постигнат договор со Апасиев“, се вели на крајот од текстот.

Од ВМРО ДПМНЕ информациите дека се на чекор од формирање влада со ДУИ ниту ги потврдуваат ниту ги демантираат.

„ВМРО ДПМНЕ работи на формирање на парламентарно мнозинство. Информации од непотврдени и непроверени извори нема да потврдуваме, ниту да демантираме“, велат од партијата.

ВМРО ДПМНЕ и ДУИ во Собранието заедно би имале 59 пратеници, а доколку Апасиев се согласи да даде поддршка би ги имале гласовите на 61 пратеник неопходни за добивање на мандатот за формирање на Влада.

Инаку, Еленовски по заминувањето од министерската позиција во одбрана беше амбасадор во Брисел, а потоа и специјален пратеник на Владата во НАТО. Во пресрет на претседателските избори во 2014 година имаше информации дека бил предлог на ДУИ за консензуален претседател.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.