„Ла Верита“: ОЈО има снимени разговори за мрежа на Зоран и Вице Заеви како плаќале пари за гласање и уценувале на избори

Обвинителството во Скопје има снимени разговори во кои се зборува за купопродажба на гласови. Социјалистите посебно ги таргетирале Ромите: кој ги следел наредбите, добивал за возврат пари или градежен материјал, објавува денеска италијанскиот весник „Ла Верита“, пренесува НетПрес.

„Како што рековме, денес продолжуваме со објавување видео по однос на нашето истражување кое се однесува на македонскиот правосуден систем. Постоечката документација во обвинителството за борба против организиран криминал во Скопје поседува извадоци од снимени разговори од кои може да се заклучи дека екс-премиерот Зоран Заев заедно со неговиот брат Вице Заев, зборувајќи отворено на телефон, управуваат со развиена мрежа за купување гласови базирана на пари и уцени, со цел добивање гласови, посебно од Ромите коишто живеат во Струмица“, пишува „Ла Верита“.

Анализираните документи опишуваат сценарио во кое тогашниот лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, осомничен за изборни измами, се служел со нерегуларни средства за да биде избран во Собранието, за потоа да стане премиер. Гласачите кои одлучиле да соработуваат биле плаќани, за секој глас поединечно, од 10 до 25 евра, во две менувачници раководени една од Вице Заев и една од негов колега, стои во текстот на италијанскиот медиум.

Една од двете менувачници, „Даскал“, е во сопственост на Марјан Даскаловски кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Во случај сумата да не била доволна да се убедат граѓаните, се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура.

Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината е директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев. Тој, служејќи се со службените ресурси што му биле на располагање, се заканувал или ги казнувал тие што се двоумеле дали да соработуваат при гласањето, а секако ги наградувал оние другите.

Во Македонија Георгиев е познат по тоа што бил шеф на сите изборни кампањи на Заев и дека е сопруг на судијката од судот во Струмица, Лорета Георгиева, која во времето на владеењето на Зоран Заев станува член на Судскиот Совет, институцијата која има задача да го контролира работењето и ефикасноста на македонските судии.

ЛИНК ДО ВИДЕО ВЕСТА НА „ЛА ВЕРИТА“

Ларис Гајзер 26.01.2020, „Ла Верита“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.