„Ла Верита“ открива нов скандал за владата: Кина го одбила Заев за вакцини бидејќи одел преку посредник фантом фирма со седиште во Хонк Конг

Италијанскиот весник Ла Верита открива нов скандал со вакцините на Заев и Филипче. Овој пат во нов текст насловен „Битка помеѓу Кина и Русија за Балканот“. ЕУ е оставена надвор од геополитичката борба со вакцините. „Ла Верита“ ги има доказите од контактите меѓу Македонија и Пекинг, кој ја напуштил зделката плашејќи се од измами. Во текстот се вели дека Заев бил првично одбиен од Пекинг поради тоа што одел преку фирма посредник која била фантом компанија со нестабилни темели во Хонг Конг.

Текстот го пренесуваме интегрално:

Во последната година, земјите од најблиското соседство на ЕУ, кои се зависни од неа, често со статус – кандидати за членство, уште еднаш останаа комплетно разочарани од Брисел. ЕУ, којашто веќе со децении само ги следи случувањата наместо да доминира, го покажа целото свое незнаење со менаџирањето со Ковид-кризата, колку дома, толку и во Западниот Балкан – чија социјална стабилност може да влијае директно врз политичката стабилност на стариот континент. Забраната на владите во ЕУ за извоз на медицински материјал на почетокот на пандемијата, а понатаму и забраната за набавување вакцини по пат на преференција, докажува колку малку имаат научено од историјата нашите политички елити.

Белград, кој имаше епидемиолошка „крива“ слична на мнозинството од европските земји без да наложи рестриктивен локдаун на своите граѓани, е единствениот главен град во регионот кој успеа уште од самиот почеток да си загарантира доволен број вакцини од Русија и од Кина. Благодарение на големиот број вакцини и можноста да спроведе ефикасен процес на вакцинирање, српскиот претседател Александар Вучиќ ја користи ситуацијата за да го зголеми својот политички кредит како водач на единствената регионална кредибилна сила. Тој, всушност, им донираше 5.000 дози на Босна и Херцеговина и 8.000 дози на Македонија. Потоа, босанските граѓани, заробени во една држава пред институционален колапс директно граничејќи со ЕУ, почнаа со т.н. вакцинален туризам кој ги принудува да бараат помош во српските болници. Една хаотична ситуација, потенцијално и експлозивна, која го принуди и словенскиот претседател Борут Пахор да вети праќање на 4.800 дози во Сараево. Црна Гора минатата недела доби 30.000 дози како подарок од Кина, додека во Албанија премиерот Еди Рама требаше со сопствени сили да се бори за да го задржи евентуалното незадоволство пред следните парламентарни избори во април, така што обезбеди неколку илјади дози вакцини од некој мистериозен европски донатор кој сакал да остане анонимен. Пролонгираната владина криза и скорешниот избор на новиот парламент не му помогнаа на Косово со проблематичното менаџирање. Досега, ако се одземе една мала српска донација во корист на својата заединца, најмладата европска држава нема никаков механизам да се справи со Ковид-19. Идниот премиер Албин Курти има во рака само едно ветување за испорака на дози преку КОВАКС механизмот, во мај месец.

Но, кулминацијата со лошото менаџирање и набавувањето на вакцините се случи уште еднаш во Македонија каде владата предводена од Зоран Заев е подготвена дури и на сметка на здравјето на граѓаните да се бори за својот спас. Во едно телевизиско интервју во јануари, Зоран Заев ги информираше Македонците дека никогаш не би побарал помош од Кина и Русија бидејќи земјата, по влезот во НАТО, треба да се потпре на своите западни сојузници. „Ла верита“, меѓутоа, дојде до две писма од министетот за здравство Венко Филипче, коишто уште еднаш го демаскираат македонскиот премиер. Првото писмо докажува дека министерот Филипче испратил барање до кинескиот „Синофарм“ дури на 25 декември 2020, додека уште едно второ писмо од 25 јануари, годинава, вели дека министерот дури и би ја ослободил Кина од било какви негативни ефекти од вакцината. Ова го потврдува притисокот на балканската влада за финализирање на договорот. Заев призна, подоцна, дека се обратил до Пекинг, но на крајот на февруари, годинава, комунистичкиот Пекинг му го вратил авансот.

Причината за ова, според извори на Ла Верита, е тоа што зделката требало да се одвива преку фантом фирма со седиште во Хонг Конг, која е наведена исто така во сите официјални писма на министерот. Фактот што приватна фирма, која според првични анализи нема стабилни темели, но има доволно средства депонирани во германската Deutsche Bank, била вклучена од страна на македонската влада во посредувањето, оставило сомнеж на официјален Пекинг дека можеби се наоѓаат пред обид за измама, и тоа донело до поништување на процедурата. На крајот од денот,  Кина се држи до принципот на директно управување со помошта и провизиите со владите, уште од почетокот на пандемијата. Уште еден потенцијален обид за корупција извршен од мрежата на Заев, дури и на сметка на здравјето на граѓаните, овој пат се судри со тврдоглавоста на комунистичкиот кинески режим.