Лацио на гости го победи Наполи

Lazio’s midfielder Matias Vecino scores the goal during the Italian Serie A soccer match SSC Napoli vs SS Lazio at Diego Armando Maradona stadium in Naples, Italy, 03 March 2023. ANSA/CIRO FUSCO

Во дербито од 25-то коло на италијанското фудбалско првенство, во петокот вечерта Лацио на гости го победи водечкиот Наполи со 1:0 и се искачи на второто место.

Решавачкиот гол го постигна Матиас Вечино во 67 минута. Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас во игра влезе 71 минута на местото од Андре-Франк Замбо Ангвиса, а во 89 минута заработи жолт картон кога направи тактички прекршок над Канчељери.

Домашните имаа далеку поголем посед на топка, повеќе удари, а Виктор Осимхен ја погоди гредата во 80 минута, но бодовите сепак одат за Рим.

Наполи средбата на стадионот „Диего Армандо Марадона“ ја дочека со седум последователни победи и гол разлика 16:1, сепак во позитивна серија беа и гостите од Рим. Со оваа победа Лацио ја постигна четвртата победа со едно реми во последните пет меча без примен гол.

На табелата и натаму води Наполи со 65 бодови, Лацио се проби на втората позиција со 48 бодови пред Интер и Милан кои имаат по 47 бодови. Сепак, миланските клубови имаат натпревар помалку. Интер во недела го пречекува Лече, додека Милан во сабота гостува кај Фиорентина.