Лацио подобар од Наполи, Аталанта со голем пресврт ја доби Рома

Lazio -Napoli at Olimpico Stadium in Rome, 20 December 2020. ANSA/CLAUDIO PERI

Во последниот меч од 13-то коло на италијанското фубалско првенство, Лацио со 2:0 на римски „Олимпико“ беше подобар од Наполи на македонскиор препрезентативец Ељиф Елмаз.

Победата за „Небесносините“ ја донесоа Чиро Имобиле во 9 и Луси Алберто во 56 минута.

Ова беше првата победа на Лацио во последните четири натпревари. На почетокот од декември ја победи Специја со 2:1, а потоа впиша два пораза и две ремија. На победничкиот колосек се врати против Наполи, за кој ова е второто загубено дерби во низа, откако во минатото коло беше поразен од Интер со 0:1.

Наполи остана на петтото место со 23 бодови, а Лацио е осми со 21 бод.

Аталанта ја победи Рома со 4:1, иако гостите по првото полувреме имаа водство од 1:0. Рома поведе уште во 3 минута со голот на Един Џеко, но во второто полувреме на теренот постоеше само еден тим. Домашните за 25 минути постигнаа четири погодоци а стрелци беа Дуван Запата во 59, Робин Госенс во 70, Луис Муриел во 72 и Јосип Иличич во 85 минута.

Рома, како и Наполи, благодарајќи на другите резултати од ова коло остана на четвртото место на табелата со 24 бодови, додека Аталанта дојде до 21 бод и натаму е седма, но има и натпревар помалку од ривалите за пласман во местата кои водат во европските натпреварувања.

Лидерот Милан со 2:1 славеше на гостувањето кај Сасуоло, во натпреварот кој влезе во историјата на Серија А зашто водечкиот погодок гостите го постигнаа по само 6 секунди игра.

Гостите тргнаа од центарот, Хакан Чалханоглу го проигра Португалецот Рафаел Леао кој во 6,7 секунда од мечот ги доведе во водство „Росонерите“. Досегашниот рекорд го држеше Паоло Поџи кој во декември 2001 година постигна гол за Пјаченца против Фиорентина по само 8 секунди.

Алексис Салемаекерс во 26 минута го удвои водството на гостите а домашните намалија во 89 минута со голот на Доменико Берарди.

Милан е и натаму прв на табелата со 31 бод, еден повеќе од градскиот ривал Интер кој со идентични 2:1 но на домашен терен во неделата ја совлада Специја. Трет е Јувентус со 27 бодови.

За „Нераѕурите“ стрелци беа Ашраф Хакими во 51 и Ромелу Лукаку од пенал во 71 минута, а во четвртата минута од судсикото опродолжение на натпреварот Роберо Пицоли го постигна почесниот погодок за Специја која остана 17-та на табелата со 11 бодови, четири повеќе од зоната на испаѓање.

Беневенто беше подобар од Џенова на Горан Пандев со 2:0, а стрелци за домашните беа Роберто Инсиње во 57 и Марко Сау во 89 минута од пенал. Беневенто дојде до 12-то место со 15 бодови и е израмнет со Удинезе. Џенова е еден од трите клуба во Серија А која сезонава досега има остварено само една победа и е претпоследна 19-та со седум бодови, колку што има и 18-от Торино, три бода помалку од зоната која гарантира опстанок.

Токму Торино загуби важни бодови на домашен терен одигрувајќи 1:1 со Болоња. Домашните поведоа во 69 минута преку Симоне Верди а Роберто Соријано во 78 минута им донесе бод на гостите, кои сега имаат вкупно 14 бодови и се на 14-то место.

Со ист резултат (1:1) завршу дуелот меѓу Калјари и Удинезе. Домапните поведоа во 27 минута со голот на Халарампос Локојанис а израмни во 57 минута Кевин Ласања. Калјари е 13-ти со 14 бодови, а Удиензе има бод повеќе и е 11-ти на табелата.