Лацио преку Болоња и Јуве преку Монца во четвртфиналето на Италијанскиот куп

Фудбалерите на Јувентус се последните четвртфиналисти во годинешното издание на Италијанскиот куп откако во четвртокот вечерта на својот терен со 2:1 ја совладаа Монца.

Јувентус поведе уште во 8 минута со погодокот на Моис Кин, но гостите израмнија во 24 минута прекиу Матија Валоти. Гостите го одржуваа резултатот до 78 минута кога победата на домашните им ја обезбеди Федерико Киеза.

Претходно во четвртокот римски Лацио се пласираше во четвртфиналето на Италијанскиот куп со минималната победа од 1:0 над Болоња. Стрелецот на решавачкиот погодок во осмонафиналното соочување на „Олимпико“ го постигна Фели Андерсон во 33 минута.

Така Лацио во четвртфиналниот дуел на 2-ри февруари ќе се сретне со Јувентус.

Претходно во четвртокот во четвртфиналето се пласираше и Аталанта којашто со 5:2 на домашен терен ја победи Специја. Аталанта поведе уште на самото отворање на мечот со головите на Аделома Локман во 10 и 12 минута, но Специја брзо се врати во игра со голот на Албин Екдал во 14 минута.

Аталанта повторно дојде до два гола предност во 26 минута преку Ханс Хатебоер, но Специја повторно се приближи на 2:3 со голот на Даниеле Верде во 38 минута. Но во вториот дел Расмус Хејлунд во 72 минута и автоголот на Етан Ампади во 90 минута ги поставија конечните 5:2.

Аталанта во четвртфиналето на 31-ви јануари ќе му гостува на бранителот на титулата Интер во Милано, кој уште минатата седмица ја елиминираше Парма.

Другите две четвртфинални двојки, кои своите дуели ќе ги играат на 1-ви февруари, ги сочинуваат Рома – Кремонезе и Фиорентина – Торино.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.