Лафонтен: Европа ја плаќа цената на кукавичлукот на нејзините лидери кон САД

Соединетите држави активно го поттикнуваа конфликтот во Украина од неговиот почеток по Евромајданот од почетокот на 2014-та, а Европа ја плаќа цената на кукавичлукот на нејзините челници, вели во интервјуто објавено во понеделникот Deutsche Wirtschafts Nachrichten со Оскар Лафонтен, поранешен лидер на сега владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD).

„Од тогаш (почетокот на 2014-та) САД и нивните западни вазали ја вооружуваа Украина и систематично го подготвуваа Киев за конфронтација со Русија. Како резултат на тоа, Украина де дејуре, туку дефакто стана членка на НАТО. Ова заднина (на конфликтот) е намерно игнорирана од западните политичари мејнстрим медиумите“, вели Лафонтен.

Според германскиот политичар, Вашингтон успеал да постигне влошување на односите меѓу Европската унија и Русија и истовремено да го елиминира својот геополитички ривал Германија. Сега САД добија можност да ја определуваат политиката на земјите членки на ЕУ, оценува Лафонтен.

„Тие (Американците) го продаваат својот валкан гас од шкрилци, додека американската воена индустрија цути“, додава германскиот политичар кој вели дека „разнесувањето на двата гасоводи (Северен тек 1 и Северен тек 2 во септември во Балтикот) е објава на војна на Германија и патетично и кукавички е што федералната влада сака да го стави инцидентот под тепих“.

„САД или директно го извршиле нападот или барем дале зелено светло за тоа. Без знаење и согласност на Вашингтон, уништувањето на гасоводите, што претставува напад врз нашата земја, ја осакатуваат нашата економија и се во спротивност со нашите геостратешки интереси, не би било можно. Тоа беше непријателски чин против Германија, и не само против неа, туку и уште еднаш јасно дава до знаење дека мора да се ослободиме од американското туторство“, вели Лафонтен кон се залага за повлекување на американските трупи од Европа.

Запрашан за неговата најнова книга под наслов „Ami, it´s time to go!“ (Американци, време е да си одите!), Лафонтен вели дека, се разбира, оти тоа нема да се случи преку ноќ, но оти „целта треба да биде јасна: повлекување на сите американски воени капацитети и нуклеарно оружје од Германија и затворање на воздухопловната база Рамштајн“ најголемата во Европа.

Оценувајќи дека НАТО предводен од САД е „застарен“ модел, идеи кои ги споделуваа и поранешниот американски претседател Доналд Трамп и сегашниот француски претседател Емануел Макрон, Лафонтен оди чекор натаму и критикува дека Алијансата „повеќе не е одбранбен сојуз, туку алатка за спроведување на настојувањата на САД да останат единствена светска сила“. Притоа, Германецот оценува дека Берлин и Брисел треба да ги формулираат своите интереси кои „во никој случај не се во склад“ со американските.

Од друга страна, Лафонтен оценува дека Вашингтон не успеал потполно да ги спроведе своите планови во спротиставувањето на Русија.

„И имам чувство дека САД во моментов сфаќаат дека си ги скршиле забите. И покрај големите испораки на оружје на Украина, испраќањето бројни воени инструктори и советници таму, се покажува дека Русија, која е нуклеарна сила, не може да биде воено поразена. Покрај тоа, антируските санкци на Западот се покажаа како бумеранг“, оценува Лафонтен, кој откако поднесе оставка на сите партиски и сојузни функции на почетокот од 2000-те години беше еден од иницијаторите за формирање на партијата Die Linke (Левица).

Оскар Лафонтен натаму вели дека же биде тешко, но оти тој не гледа алтернатива на ослободувањето на Европа од американското влијание, и оценува дека доколку Германија и другите европски земји продолжат да бидат под „туторство на САД“, ќе бидат „турнати преку работ“ за Вашингтон да ги заштите своите интереси.

„Затоа, мораме постепено да го прошириме опсегот, по можност заедно со Франција. Како Петер Шол-Латур, јас повикав на француско-германска унија пред многу години. Тогаш би можела да се интегрира и одбраната на двете држави, како јадро на независна Европа. Да употребиме сега еден извикан израз: ги доживуваме породилните болки во фазата на транзиција од униполарен во мултиполарен светски поредок. И тука се поставува прашањето дали имаме свое место во овој нов светски поредок или сме вовлечени во конфликтите на Вашингтон со Москва и Пекинг како вазали на САД. Овде можеме само да изгубиме“, оценува Лафонтен.

Повторувајќи ја констатацијата дека американското влијание врз германската политика и медиумите е „огромно“, на прашање на весникот, Оскар Лафонтен вели дека повеќе поранешни германски канцелари како Вили Брант, Хелмут Шмит, Хелмут Кол и Герхард Шредер ги преферирале германските интереси, за разлика, како што оценува актуелната политичка гарнитура во Берлин.

„Потребен ви е и ‘рбет кога сте на чело на држава. Сликата како канцеларот (Олаф) Шолц стои како ученик покрај американскиот претседател Џо Бајден кога објави дека ‘Северен тек 2’ е завршена работа, беше понижување. А потоа, тука е германскиот министер за надворешни работи кој како папагал ја спроведува американската пропаганда и министерот за економија..“, заклучува Лафонтен.