Лагите на белосветските измамници за претстојниот рефeрендум

страшо ангеловски

Веројатно многумина ја чуле шегата за стариот селанец кој отишил да ја продава старата, веќе изнемоштена крава.

Добродушен, чесен и наивен, каков што бил, на сите кои го прашувале, им ја кажувал вистината, дека кравата е стара, дека е непослушна, дека многу јаде и дека не дава млеко. И нормално, никој не сакал да ја купи. Му пришол еден прематар, најголемиот измамник во околината, па му понудил да ја продаде кравата наместо него. И,измамник како измамник, на сите кои го прашувале им кажувал дека кравата е многу мирна и послушна, дека јаде многу малку, а дава многу млеко. Лага до лага. Арно ама, толку убаво звучело што стариот селанец си помислил и си рекол дека не е будала да продава толку добра крава, па си ја вратил дома.

Ете такви прематари, домашни и дојдени којзнае од каде, веќе цел месец, вака, со лага до лага, ни продаваат сказни за убавината што не чека после 30 септември. Па, старата доодена крава сакаат да ни ја продадат како младо швајцарско теле. Уништувачкиот преспански договор да ни го продадат како светла европска иднина. Лага до лага. Но, да одиме по ред :

ЛАГА БРОЈ 1: Договорот од Преспа не е компромис, како што сакаат да прикажат, туку бескомпромисен ултиматум, како што со своето однесување докажуваат. Имено, Атина, заради својата веќе стекната позиција на членка на НАТО и ЕУ, од позиција на моќ, ги прогласува своите ставови за неприкосновена вистина и од нас бескомпромисно бара да прифатиме се што веќе му издиктирала во бележникот на Никола Димитров, но и она кое допрва го диктира во вид на уставни амандмани. На ваквиот ултимативен став се надоврзуваат ултиматумите од белосветските прематари дека или ќе го прифатиме “компромисот“, или, во најмала рака, ќе ја доживееме судбината на Атлантида, кои својот врв го достигнаа во заканата дека или ќе бидеме Северна Македонија, или Северна Кореја. Дипломатски, нема што.

ЛАГА БРОЈ 2: Иако и домашните и странските измамници се обидуваат да не убедат дека изјаснувањето на референдумот од 30 септември се однесува на влезот на државава во ЕУ и НАТО, францускиот претседател Емануел Макрон, неолибералната ѕвезда, која ќе биде нивни адут на наредните избори за европскиот парламент догодина, во своето видео обраќање испратено до македонските граѓани, јасно гласно и децидно кажа дека на референдумот се изјаснуваме само и само за промена на името на државата во Северна Македонија. Што, се разбира, не е никаква гаранција за наша каква било интеграција. Истото, ден пред тоа го објави и Државната изборна комисија, која децидно соопшти дека ова е референдум само за прифаќање на договорот со Атина, за промена на нашето име, а дека, доколку некогаш стасаме до таму, за евентуален влез во ЕУ ќе има посебен референдум. Појасно здравје.

ЛАГА БРОЈ 3: Вештите измамници се обидуваат референдумот од 30 септември да го прикажат како историски и да го поистоветат со оној од 8 септември 1991 – та. Со тоа, ги навредуваат чувствата на секој Македонец и го сквернават нашиот трет Илинден и светите македонски идеали. Референдумот од 8 септември, колку за нивно запознавање, беше последниот чин од повеќевековната борба за возобнова на независната, суверена и самостојна држава и беше одраз на националното будење на македонскиот народ. Резултатот од референдумот го оствари вековниот стремеж на македонскиот народ – неговата национална држава.

Денешниот референдум, за жал, е последниот чин во бришење токму на резултатот од референдумот од 91-та, бидејќи во својата суштина е длабоко антимакедонски и, после сите уставни измени во минативе 27 години, е замислен како последниот од низата чекори насочени кон бришење токму на националната држава на македонскиот народ.

А, она нешто што ги поврзува  обата референдуми е позицијата на СДСМ, која и тогаш, а уште поизразено денес, е длабоко антимакедонска и во служба на туѓи интереси. Тогаш, преку договорот Глигоров – Изетбеговиќ, денес, преку спогодбата Заев – Ципрас.

ЛАГА БРОЈ 4: Заради потребата за уште поголема меѓуетничка поделба и заради потребата од секој албански глас на референдумот, бесрамно лажат дека Руската Федерација се замешала во внатрешните работи на Република Македонија и дека 12.000 руски граѓани, претежно агенти, само летово влегле во Република Македонија. Притоа, ниту еден, на пример, американски агент или разузнувач. Тие, според лагите, се целосно незаинтересирани и некаде од далеку само невино набљудуваат. Ќе дадам само еден податок, па сами проценете :

Во моментов во САД постојат 19 агенции со буџет од 50 милијарди долари годишно и со над 200.000 вработени, кои се наоѓаат во таканаречената разузнавачко известителна ( читај : шпиунска ) заедница на САД. И, ниту еден од нив не стаса да влезе во Македонија, туку 12.000 клети руски шпиуни. Колку една цела Виница, на пример.

Старите рекле : „И кога лажеш, лажи со усул“.

ЛАГА БРОЈ 5: Без воопшто срам, без око да им трепне, се обидуваат да не убедат дека со договорот од Преспа се зајакнувал македонскиот идентитет. И притоа, намерно забораваат дека Атина веќе 27 години врши притисоци во ООН, не признава пресуда на судот од Хаг, врши блокади за Република Македонија секаде каде што може и не може, воведе ембарфо на нашите граници, па во клометарски колони чекавме да наполниме дваесеттина литри бензин. И никој од нас, простите Македонци, никако да сфати дека сето тоа го прави за да ни го зајакне идентитетот. Се изредија повеќе состави на парламентот, повеќе Влади, претседатели на државава и, никому, ни на крај памет, дека ова што Атина го прави било всушност зајакнување на нашиот идентитет. Челичење, дури. Денешниве измамници тоа го сфатиле. Па, со зајакнат идентитет и со јазикот на Конески ќе не водат во ЕУ. Затоа, кога сме веќе кај јазикот, еве што за Македонија пишува на официјалните бугарски сајтови : Држава : Република Македонија ; Главен град : Скопје; Основана : 8 септември 1991 г. ; Население : 2.081 милиони ( 2016 г. ); Официјален јазик : МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРНА НОРМА.

Ете толку од македонскиот јазик што ќе се говори во ЕУ.

ЛАГА БРОЈ 6,7,8,9……Х: Тоа се безбројните шарени лаги во медиумите и билбордите, со кои, наведувајќи не дека  на 30 септември  гласаме за влез во ЕУ, сакаат ЕУ да ни ја претстават за рај во кој тукушто не сме стапнале. Ќе се задржам само на една од многуте. Имено, велат дека со влезот во ЕУ секое земјоделско семејство ќе добиело по 25.000 евра годишно. Ги повикувам сите нив, измамниците, да се качат во неколку автобуси (можеби 4 ќе бидат доволно со оглед на нивната бројност) и да ја посетат, според податоците наЕвропската статистичка агенција, најсиромашната општина во Европската Унија. Тука е, близу до нас, во северозападна Бугарија и се вика Видин. Таму, 11 години по влегувањето на Република Бугарија во ЕУ, иселувањето е такво какво што се случува само во време на војна или на пандемија, а она малку останати земјоделски семејства живеат со 2,5 евра дневно, или со 912,5 евра годишно, што, ќе признаете, после единаесетгодишно битисување во ЕУ, е малку подалеку од ветените 25.000 евра.

Можеме уште стотици бели страници да исполниме со лагите на нашите и белосветските измамници, но, ќе завршам со една умна мисла која вели : „Не ни е криво што не лажете, ни е криво што мислите дека ви веруваме!“.

Автор: Страшо Ангеловски, Претседател на МААК за НетПрес