Лани Tesla Model 3 најпродаван автомобил во Холандија и во Норвешка

Tesla Model 3 лани испиша милиони наслови. Лимузината од рангот на Mercedes C-Class е најпродаван електричен автомобил во светот лани и таа стана најпродаван премиум модел во САД, но има уште: Во некои земји, Model 3 беше најпродаван автомобил воопшто.

Што може да биде поголемо значење за еден автомобил од титулата на најпродаван модел со електричен погон во светот? Одговорот доаѓа од Холандија и Норвешка. Tesla Model 3, глобалниот електро-бестселер, лани бил воопшто најпродаван автомобил во овие две земји, апсолутен број 1.

Второто место во Холандија, која уште рано покажа симпатии кон електричниот погон – по „несреќното“ поглавје, откако властите утврдија дека луѓето ги купуваат плагин-хибридите само поради субвенциите и речиси воопшто не ги приклучуваат за полнење – му припаѓа на класичарот Volkswagen Polo. Разликата во продажбата е фрапантна. Model 3 во Холандија постигнува двојно повисока продажба од малиот брат на Golf.

Слично е во Норвешка, кадешто второто место му припаѓа на e-Golf, уште еден модел на струја, но со заостаток од 70% во бројот на продадени возила зад Tesla Model 3.