Лашкоска ги повикува сите одбиени за проекти од Министерството за култура да ја обжалат ревизијата на годишната програма

37

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска, во врска со ревизијата на годишната програма од Министерството за култура ги повика во средата сите кои се одбиени, а предходно пријавени на годишниот конкурс за финансирање на проекти од годишната програма, да се повикуваат на автентичното толкување и одлуката на Владата и да ја обжалат ревизијата на годишната програма, којашто беше направена целосно незаконски.

Лашкоска рече дека надлежните институции треба да продолжат да ја вршат својата работа, и да постапат во овој случај затоа што вакви преседани како овој отвораат можност за нови злоупотреби во иднина. Пратеничката порача дека е нејасно дали поскандалозен е начинот на кој беше донесена Годишната програма или пак поскандалозна е нејзината ревизија.

„Сѐ што се правеше во културата изминатиов период е скандалозно, па веројатно затоа владеачкото мнозинство не сака да ја продолжи надзорната расправа на која што се разгледуваше начинот на реализација и начинот на доделување на средства на годишните програми за културата во 2018/2019 година“, посочи Лашкоска.

Додаде дека со самото тоа што е прекината надзорната расправа од владеачкото мнозинство јасно е дека власта не сака да навлегува во незаконската годишна програма на Министерството за култура.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.