Ласовска: Реформите во образованието мора да бидат на став создаден од експерти во таа област, а не партиски експеримент на Царовска

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денес на Комисијата за образование, наука и спорт побара повлекување на концепцијата за реформи во основното образованието и одржување на итна јавна расправа во Собранието на Република Македонија.Доста со глумење на некаква јавна расправа. Јавна расправа нема. Мила Царовска дозволи пишување на писма до неа, но тоа не е и не може да биде јавна расправа, изјави на денешната прес конференција, Благица Ласовска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

– Потребна е вистинска јавна расправа овде во Собранието со вклучување на сите релевантни чинители, со цел оваа реформа навистина да се унапреди и да се подобри квалитетот на образованието во Република Македонија.
Реформите во образованието мора да бидат резултат на изграден национален став кој што ќе биде создаден од тимови од реномирани и докажани експерти во областа, а не партиски експеримент на министерката Мила Царовска кој што има многу мани и недоследности за кои реагираа скоро сите кои се дел од образовниот систем во Македонија, истакна Ласовска.

– Негативните критики се се почести околу концептот на интегрирање на предмети особено на предметите Историја и Географија и со демантите од бројни здруженија излезе на виделина дека Царовска сака да манипулира со јавноста дека се работи за некаков фински модел кој што ќе значи укинување на предметот Историја и други предмети односно нивно интегрирање, посочи таа.

– Јавната расправа која што ја бараме во Собранието на Република Македонија треба да биде место каде што ќе можат да се слушнат многу забелешки, предлози, концепти и мерки врз кои што подоцна би се изградила национална стратегија од која што ќе произлезат нови реформи и концепти во образовниот систем и истите ќе бидат донесени со консензус од сите политички чинители но и консензус од сите релевантни институции кои што ќе учествуваат во нејзиното градење, децидна е Ласовска.ж

Таа потенцира дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквото самоволие и ваквите експерименти кои што сака да ги турка оваа Влада преку министерката Мила Царовска се крајно несериозни, понижувачки и дека последиците од сето ова ќе ги трпат учениците и наставниот кадар.

– Затоа, доста беше со импровизации, нашите деца заслужуваат најдобро, нашите деца заслужуваат квалитетно образование, а нашите наставници и професори квалитетни наставни програми, додаде Ласовска.