Ласовска: Владата да донесе јасни одлуки за работата на детските градинките

Владата да донесе јасни одлуки за работата на градинките и да ги вметне препораките они УНИЦЕФ за да се одвојат средства за чување деца во домашни услови, порача во средата на прес-конференција пратеничката Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ.

Државата има обврска да го организира процес на згрижување на најмладите, односно на децата од предучилишна возраст, потсети Ласовска.

Пратеничката потсети дека граѓаните во моментов се соочуваат со голем проблем, и како претствник на граѓаните кои реагираат на проблемот со згрижување на нивните малолетни деца побара „најитна интервенција“ од ресорното министерство за труд и социјални политики.

„Имено голем број родители се соочени со состојба во која не се во можност да отсуствуваат од работа, а истовремено имаат деца од претшколска возраст кои мора да бидат згрижени. Ние како пратенички од ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ како партија бараме власта и ресорната министерка да излезат со јасни прецизни и издржани одлуки за работење на детските градинки во услови на ковид 19 и во истите да бидат вметнати препораките на УНИЦЕФ и другите релевантни фактори. Жалиме што овој период од 6 месеци наназад владата на СДСМ и ДИУ не го искористи за подобрување на условите и капацитетите на детските градинки за згрижување на најмладите и истите не ги приспособи за работење во услови на пандемија, ниту просторно ниту во поглед на човечки ресурси. Во таа насока излегуваме со неколку предлог мерки, како детските градинки да отпочнат со работа, а притоа да биде заштитено здравјето на децата и персоналот кој работи со нив и да им се олесни на родителите“, рече Ласовска.

Додаде дека во прв ред просториите за згрижување на децате треба да да бидат дезинфицирани, а на вработените да им се направи нов скрининг. Додека не се заврши со постапката, рече Ласовска, тие како пратеничка група сметаат дека постои сериозен ризик по здравјето на децата вработените и родителите.

„Дополнително потребно е на одреден период, согласно препораките на експертите, ваквите постапки да бидат повторувани. Притоа детските градинки да бидат почесто посетувани од педијатри со што би се следела состојбата во континуитет. Свесни сме дека поради препораките на експертите се бара присуство на помал број лица во затворена просторија, па затоа бараме да се искористат и прилагодат соодветно на возраста и потребите на децата неискористените капацитети на основните и средните училишта за згрижување на деца од предучилишна возраст. Согласно вчерашните заклучоци од Владата само една третина од децата на предшколска возраст можат да бидат згрижени во градинките. Врз кој критериум ќе се врши селекција на деца кои ќе бидат згрижени? Централната власт, наместо да ја префрла одговорноста на локалната самоуправа, во услови на пандемија потребно е да преземе најитни мерки за обезбедување на просторни капацитети со соодветни услови за постоечката ситуација“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.

Ласовска побара дополнително владата да одвои средства за субвенционирање на негување на деца од предшколска возраст во домашни услови од страна на лица кои поседуваат соодветна обука, образование и лиценци, со цел поголем број семејства да можат да ангажираат негувателки во своите домови, при што предност ќе имаат самохраните родители и хронично болните деца.

„Со ова ќе се постигне двоен ефект, односно вработените родители нема да отсуствуваат од својата работа и на тој начин нема да трпи економијата, но од друга страна ќе се ангажираат односно вработуваат лица за чување во домашни услови“, појасни Ласовска.

Таа праша зошто власта молчи и во врска со отворањето на приватните детски градинки, односно за триесетина субјекти кои се на работ на егзистенцијата, а кои со новите заклучоци на влада не се опфатени.

„Сметаме дека доколку постои волја од страна на ресорното министерство и Владата ваквите мерки да бидат врвен приоритет. Доколку старо новата влада работеше и имаше конкретен план како државата да се справи со пандемијата, немаше да дојдеме во ситуација да се решава во рок од неколку дена за вака сериозни прашања кои ги загрозуваат здравјето на најмладите и нивните семејства. Не играјте си со здравјето на нашите деца“, заклучи Ласовска.