Новинарот Драган Павловиќ Латас, жали ако некого повредил со случката која ја раскажа кај јутјуберот Стефан Лазаров, а се однесуваше на секуалното искуство кое му се случило на 15 години.
Тој за Канал 5 рече дека за она што се случило, објаснување ќе даде во институциите каде е повикан. Според него, секој има право да си толкува на свој начин. Вели дека е шокиран што се бара одземање на пасош. Смета дека целта е тој да се тргне од јавност.
„Жалам ако некого сум повредил или навредил“, вели Драган Павловиќ Латас во изјава за Канал 5.
Основното јавно обвинителство Скопје пред надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.
Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на Јутјуб канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување.
Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан.