Латино

Од ова произлегува дека Јани Макрадули почнал да гледа филмови. И себеси да се доживува како филмски лик. Но, Харви Кајтел не е лик за него. Ја нема лузерската, невротична и негативна црта од карактерот на Макрадули. Од се, Јани му ги копирал само мустаќите. И на тоа останал.

За турските серии нема збор, таму сите освен главниот јунак се мустаклии. А Јани Макрадули никогаш главен јунак не бил. Дури ни јунак од позадина.

Кога, згора на ова, ќе се додадат неговите солзи, трогателен плач на локалните избори во прегратките на прекрасната Нора Шакири, латино приказната за Јани станува комплетна. Он, дефинитивно, е лик на негативец од латино сериите.

Или, сепак, Јани имал лоша мимика, па мустаќот бил оптичка варка… без брк, кастингот веднаш би го сместил во редот на латино диктаторите. Оние дрчните, лоши и насилни што во собрание се дерат и закануваат на жени, и од сите закони на демократијата познаваат само дел кој се однесува на закани, апсења и прогони. Другото е само непотребна правна икебана. Оние ликови што власт стекнале со насилни упади во парламентите, и како секоја хунта потоа биле симнати од власт со фрлање од балкон.

Во латино амбиентот Рада, со обновена ладна трајна, и обновена линија на скапи ташни и уште поскапи кондури, во пауза помеѓу луксузните патувања шпарта по паланките ни и сонува да биде Изабела на лидерот Зоран Перон. Ако се земе според бројот на население и богатството, само Имелда Маркос и Изабела Перон имале поскапа гардероба од Рада Перон.

Не штедела на облека ни Карла Бруни, но тоа е друг вкус, естетика и друг филм.
Во латино сериите вообичаено има главен јунак, неговата голема љубов што не му функционира, и лошиот конкурент кој му ја држи девојчицата под контрола.

Кај СеДеСето најголема љубов, љубов над сите љубови, е власт.
Заев Перон и Рада, како две страни на иста пара, копнеат по љубовта, особено затоа што истата не им возвраќа соодветно. Власта никако да ги разбере нивните добри намери, и стане дел од нивниот живот.

Бранко, од другата страна на љубовните јади, чека своја шанса. Како бивш придружник на наивната љубов, ја знае целата приказна, што е негова ненадоместлива предност во дадениот случај. Пероновци имаат власт, ама не владеат во партијата.

Без Бранко, дуото Перон, нема шанса за власт. Со Бранко, и да дојде власта во нивниот дом, тие можат да гледаат само од страна. И, како во латино сериите, да патат или да го отрујат и ја преземат власта во свои раце. Што, сметам, не е изводливо.

Факат е дека Бранко има план да ги пушти Заев и Рада во нов изборен пораз, и да ја исчисти партијата од кариеристи без покритие кои осум години наназад, од поразот на Бучковски на оние далечни избори, со дворски игри и сплетки се камен околу вратот на секоја партиска политика и амбиција која не смета на нивните кариери како приоритет.

Заев еднаш беше лидер, и како шеф на партија загуби од Груевски со пораз кој е најтежок во парламентарната историја на Македонија. Веднаш до него, со скоро ист поразителен резултат, е изборниот пораз на Шекеринска против Груевски. Кога таа беше шеф на партија, Груевски ја победи до ниво од кое гласачите на СДСМ имаа таков срам што добар дел од нив ги исклучија телевизорите да не го гледаат бламот изборната вечер.

Еве ги сега, во пар. Заев Перон и придружничката му Рада Изабела… Перон.
На куп со швалерските мустаќи на Јани Макрадули.

А од двајца лузери еден победник не можеш да спакуваш ни математички. Освен ако не ги помножиш со нула, да го елиминираш зијанот, па да тргнеш од почеток.
Значи, целиот циркус со оние бројки и изборни понуди кои дуото Перон ги расфрла наоколу… не е усмерен против Груевски. На таа линија, се е познато и извесно. Рада и Заев сакаат пред своето членство да покажат дека, за разлика од Бранко, тие имаат некаква партиска програма. Сакаат, ама тешко им оди. Повремено, дури и трагикомично делува.

Да понудиш на земјоделците 10 милиони евра за нови системи за наводнување, и да мислиш дека е тоа бинго… а да не знаеш дека Груевски веќе дава 18 милиони евра за таа намена, е повеќе од неинформираност. Тоа е очај.

Да ветиш на граѓаните дека ќе им ги враќаш парите од ДДВ на нивните сметки, и веруваш дека тоа некој ќе го сфати за сериозно, е непознавање на сопствен народ. Има меѓу нас доста наивни, па и глупи… ама во толкав број, колку што на СДСМ им треба за да победат на избори… нема сигурно. Ни приближно нема толку глупи и наивни.

Па секој знае дека држава живее од даноци. Ако нема пари од даноци, нема ни држава, војска, ни полиција, ни болници, школи, градинки, ни пензии… единствен спас е едни даноци да вратиш. а на друга страна уште поголеми даноци да наплатиш.

А кога СДСМ е на власт секогаш, без исклучок, даноците биле најголеми, а платите и пензиите биле најмали. Без исклучок. Секогаш било така.

Тешко им е на Рада и Заев да се спасат од Бранко. Зад него стојат 30.000 партиски потписи, а зад дуото Перон изборни порази и ветувања кои се се повеќе очајнички.

Секој знае дека Бранко чека враќање. И, потоа, со партија исчистена од кариеристи без покритие и локални олигарси по моделот на Заев, да се обиде и успее со личен авторитет, следен од компактна екипа, да победи на избори.

Сосема е евидентно, несомнено дека оние што чекаат – Бранко, Зоки Јовановски, Андреј Петров, Игор Ивановски, Наташа Савова… се за класа подобар избор од сегашните Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Јани Макрадули, Дамјан заборавам му презимето… деновиве се засилија со Миле Зечевиќ на местото организациски секретар, што е добивка во квалитет, но далеку од доволно да го смени карактерот и судбината на тимот.

Затоа, на наредните парламентарни избори, а верувам напролет ќе ги имаме, гласачите на СДСМ ќе имаат шанса да решат што понатаму со себе. Ако не гласаат за Рада и Заев, тоа е отворање врата за нова политика, и нова иднина на партијата. Колку Рада и Заев повеќе загубат, толку посигурно е дека промените во СДСМ ќе се случат.

Во такви околности, можете ладно да се кладите дека Стефчо Јакимовски, кој има поголем рејтинг во гласачкото тело на СДСМ од Заев и Шекеринска заедно, после наредните парламентарни избори ќе има доволно пратеници за пратеничка група. Со тоа, во битна мера се менува наталната карта на социјалдемократите. Секако, на подобро.

Ќе се појави нов СДСМ кој нема да тера политика во полза на Грција, и дава изјави дека треба да ја свиткаме кичмата за да преживееме, што е централна политика на Заев. Ќе ги нема ароганцијата и луксузот на Шекеринска кои се срам за секоја партија, особено за социјалдемократска. Ќе нема партиски ветувања дека како главна новост и предност ќе воведете нешто што или е невозможно, или е веќе во пракса и тоа дупло повеќе од вашата понуда, после кои ви се смее и потсмева пола држава.

Ќе ги нема латино брковите и солзите на Јани Макрадули.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.