Латинска Америка – новото жариште на коронавирусот, Европа со 750 милијарди евра за спас на економиите

Новото жариште на корона вирусот е Латинска Америка. Регионот во моментов на дневно ниво пријавува повеќе заболени од САД и Европа заедно. Освен Бразил, каде здравствениот систем е пред колапс, следуваат Перу и Чиле, каде позитивни на вирусот се и двајца министри. Но, според Хјуманс Рајт Воч, Венецуела е новата темпирана бомба. Земјата не е подготвена за пандемијата, а докторите тука се обидуваат да сторат се за да спасат колку што е можно повеќе животи.

„Замислете да го правите ова во земја чиј здравствен систем е колабиран пред КОВИД 19. Така работат здравствените работници во Венецуела. Недостатокот од вода во многу болници значи пациентите и лекарите да си носат свои шишиња за пиење вода, медицински процедури и секако миење раце – најважната одбрана против КОВИД 19“, вели д-р Кејтлин Пејџ, од Џонс Хопкинс Универзитет.

Медицинските маски и ракавици во земјата исто така недостасуваат. Во моментов во Венецуела има над 1200 случаи, од кои 11 луѓе починале, но според Хјуман Рајтс Воч вистинскиот број на заразени и починати е многу поголем бидејќи нема доволно веродостојни тестови.

Америка се уште е прва во пандемијата, со над сто илјади жртви.

Во меѓувреме, државите на ЕУ се обидуваат да го договорат буџетот со кој ќе се опоравуваат од економскиот колапс. ЕК предлага до 2027-ма да се распределат 750 милијарди евра на земјите кои најмногу беа погодени од корона вирусот. Од парите најмногу ќе искористат Италија и Шпанија како првични жаришта и со најмногу жртви. 500-тини милијарди ќе бидат доделени како грантови, а останатите 250 ќе бидат достапни како позајмица.

Првата комесарка Урсула Фон дер Лаен треба да ги убеди Австрија, Шведска, Холандија и Данска. Овие држави не се согласуваат посиромашните јужни држави, кои имале големи долгови и пред пандемијата, да добијат пари. Но, патот мора заеднички да го изодиме, порача фон дер Лајен.

„Банкротирана компанија во една држава членка повеќе нема да биде доверлив доставувач на бизнисот во друга земја. Економија која се бори во еден дел од Европа, ја ослабнива силната во друг дел. Ова е за сите нас, и е многу поголемо од сите нас. Ова е моментот на Европа“, рече Урсула фон дер Лајен.

Фон Дер Лајен порача дека следната генерација на ЕУ ќе биде таа која ќе мора да инвестира во чистите индустрии, во високата технологија и во здравствените системи за да не се случи ужасот со кој се соочија докторите во сите земји.