Лаура зема 31 жртва на Хaити и најмалку 14 во САД

Најмалку 31 човек го загубил животот во налетот на тропската бура Лаура минатата недела, се наведува во објавата од овој петок на управата за вонредни ситуации на Хаити, како коригирана бројка на жртвите од невремето, додека истовремено ноќта кон саботата во САД соопштија дека бројот на загинатите во налетот на Лаура која на атлантскиот брег прерасна во ураган се искачил на 14 лица.

Во сумираните податоци на властите на Хаити, како што пренесува порталот HaitiLibre, во невремето оштетени биле повеќе од 2.300 домови, а поплавени уште 6.200 објекти.

Според спасувачките служби, сериозно настрадале југоисточните и западните региони од карибската островска земја. Како што претходно соопштија властите, поплавите, обилните дождови и налетите на ветерот влијаат врз условите за живеење на повеќе од два милиона жители на Хаити.

Брзината на ветровите во системот на тропската бура Лаура во текот на нејзиното преминување над Хаити достигнувале до 23 метри во секунда.

Агенцијата Associated Press, повикувајќи се на локалните власти, пренесува дека бројот на жртвите од истото невреме на атлантскиот брег на САД во петокот вечерта се искачил на 14.

Најмалку пет од жртвите настрадале во падови на стебла, едно лице се удавило во поплавите, а осум починале од труење со јалгерод моноксид. Тие неправилно користеле генератори за струја, додека престојувале во импровизираните засолништа од ураганот.

Во четвртокот ноќта циклонот Лаура, кој во тоа време прерасна во ураган од категорија 4 од петте можни, стаса на крејбрежјата на сојузните држави Луизијана и Тексас, предизвикувајќи поплави. Во Тексас, Луизијана и Арканзас, околу 600.000 домови и натаму се без снабдување со електрична енергија.

Минувајќи во Арканзас, Лаура ослабе во тропска бура, а во моментов стручњаците ја квалификуваат како тропска депресија.