Лавров ја спореди ситуацијата со Украина со Кубанската криза

Сегашната ситуација околу Украина, е слична на Кубанската (Карибската) криза, бидејќи станува збор за создавање директни закани по безбедноста на Руската Федерација токму на руските граници, вели министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во интервјуто за документарниот филм „Светот на работ. Лекции од Карибската криза“, објавено во неделата на веб-страницата на руската дипломатија.

На прашањето колку е слична актуелната ситуација со ракетната криза околу Куба пред шеесет години, кога двете тогашни суперсили САД и СССР беа најблиску до нуклеарна војна, Лавров вели дека „има сличност“.

Конфронтацијата околу распоредувањето на проектилите, која стана позната како Кубанска ракетна криза, тогаш беше разрешена со договорот во кој беа направени значителни отстапки од двете страни, СССР се согласи да ја отстрани нуклеарната инфраструктура од Куба, а за возврат САД вети дека никогаш повеќе нема да го нападне островот и притоа отстранувајќи ги проектилите „Јупитер“ со среден дострел, насочени кон Советскиот сојуз на територијата на Турција, каде што во моментов има извесен дел од 100-те нуклеарни оружја коишто Вашингтон ги има распоредено во Европа.

„Како во 1962 година, така и сега зборуваме за директни закана по безбедноста на Русија токму на нашите граници. Денес таа е уште поблиску од ‘Јупитерите’ лоцирани во Турција. Во тек е воена кампања со натрупување во Украина на сите видови оружје“, вели Лавров кого го цитира агенцијата ТАСС.

Истовремено, додава Лавров, разликата на двете ситуации се состои во тоа што во 1962-та советскиот лидер Никита Хрушчов и тогашниот американски претседател Џон Кенеди „најдоа сили да покажат одговорност и мудрост“, но сега во Москва не можат да видат таква подготвеност од страна на Вашингтон и неговите сојузници.

„Има многу примери. Можеме да почнеме со фактот дека шансата за преговори, која се материјализираше на крајот од март на состанокот во Истанбул, беше уништена, сега можеме да кажеме – по директни инструкции на Вашингтон“, тврди Лавров во интервјуто.

Руските и украинските делегации одржаа неколку кругови од мировните преговори, започнати само неколку дена по почетокот на руската воена инвазија. Директните преговори меѓу Киев и Москва имаа добар развој до 29-ти март до средбата во Истанбул, кога беше најавена и можна средба на двата претседатела. Но потоа мировните преговори нагло замреа, а како што забележуваат и некои украински медиуми, тоа се случува веднаш по ненадејната посета на Киев на британскиот премиер Борис Џонсон.

Но шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу уште кон средината на април во разговор за CNN рече дека мирното решение на војната во Украина го спречуваат „некои земји во НАТО“, кои посакуваат војната што подолго да трае за Воено и економски да ја истошти Русија.

Коментаторот на The New York Times, Дејвид Сангер, во почетокот на мај пишувапе дека противници на мировен договор за Украина се и САД пишувајќи дека „кога министерот за одбрана Лојд Остин на крајот од тајната посета на Украина изјави дека целта на Америка е да ја види Русија толку ослабена да повеќе нема моќ да напаѓа соседба држава, ја призна трансфорамцијата на судирот од битка за контрола над Украина до онаа во која Вашингтон подиректно се спротиставува на Москва“.

„Штом украинските и руските преговарачи по средбата во Истанбул се договорија околу изработката на идниот договор, премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, се појави во Киев без предупредување. Џонсон во Киев донесе две едноставни пораки. Првата е дека (рускиот претседател Владимир) Путин е воен злосторник и треба да биде прогонуван, а не да се преговара со него, и втората – ако Украина е подготвена да потпише со него какви и да се гаранциски договори, Британија не е“, објави на 5-ти мај весникот Українська правда повикувајќи се на „извори блиски на Зеленски“.

 

Деструктивниот пристап на Западот

Шефот на руската дипломатија во продолжението од спомнатото интервју потсетува дека во последниот период сериозно се зборува за потребата од „зајакнување на нуклеарните капацитети на НАТО“ во покрај петте земјо коишто на своите територии веќе имаат американско тактичко нуклеарно оружје.

„Полска се јавува како ‘кандидат’ Американците да ги распоредат своите нуклеарни бомби и на нејзина територија. Тоа е многу загрижувачка ситуација“, вели Лавров.

Потсетува дека во САД, НАТО и Европската унија продолжуваат да зборуваат за потребата Русија да биде победена „на бојното поле“, и според Лавров зад сево ова стои „апсолутната неспособност на САД да се откажат да владеат со сѐ и секого“.

„Ако некогаш пееја ‘Владеј Британија на морињата’, сега Америка сигурно сака да се пее ‘Владеј Америка со планетата’. За тоа јасно и недвосмислено зборуваше претседателот Владимир Путин во својот говор во Кремљ, кога беа потпишани договорите меѓу Русија и четирите нови субјекти на Федерацијата (украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје – з.р.). Тоа е главната разлика (на ситуацијата во текот на Кубанската криза и сегашната констелација околу Украина“, резимира Лавров.

 

Свеста на Белата куќа за споредба со Кубанската криза

Лавров очекува дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден располага со повеќе можноста јасно да сфати кој и како ја ескалирал ситуацијата околу глобалната безбедност, отколку поранешниот шеф на Белата куќа, Џон Кенеди во времето на Кубанската криза.

„За тоа колку САД сериозно ја сфатиле ситуацијата, сведочат изјавите на очевидците на разговорот меѓу претседателот Кенеди и неговите помошници во Овалната соба. Шефот на Белата куќа рекол дека не разбира зошто Хрушчов ќе распореди проектили на Куба и оти во крајна линија на советскиот лидер требало да му биде јасно дека тоа би било исто како САД да распоредат свои ракети во Турција. Еден од помошниците (на Кенеди) изненаден му одговорил дека токму тоа го сториле САД. Се надевам дека во сегашната ситуација претседателот Бајден ќе има повеќе можности да разбере кој и како ги издава наредбите“, истакнува Лавров во интервјуто.

 

Потеклото на конфликтот

Лавров се навраќа на раните 1960-те години, кога САД ги распоредиле ракетите со среден дострел „Јупитер“ во Турција и во Италија.

„Ја спомнувам Италија бидејќи дострелот на тие проектили лансирани од оваа земја покрива значителен дел од европската територија (на Русија). Од Турција до Москва, тоа е малку повеќе од десет минути лет, како што се верувало тогаш. Тоа беше почетокот на Кубанската криза, а не како што, замислете, се обидува да го прикаже западната историографија, според која коренот на проблемот е во распоредувањето на советските ракети на Куба. Таму одговориле само на она што САД веќе го направиле во близина на Советскиот сојуз“, објаснува Лавров.

Шефот на руската дипломатија, во појаснувањето на сличноста меѓу кризата околу Украина и Кубанската криза алудира на безбедносните барања Русија до САД и НАТО за постигнување договор кој ќе ја гарантира безбедноста на руската територија со исклучување на можноста соседните земји, во прв ред Украина и Грузија, да не можат да станат членки на Алијансата и на нивните територии да нема нејзини бази, како и повлекување на ударните вооружувања и борбени групи пред границите на НАТО до 1997 година, односно од поранешните земји на Варшавскиот пакт. Но Вашингтон и Брисел тогаш ги одбија предлозите за договор од Москва, наведувајќи дека секоја суверена земја има право самостојно да одлучува во кои структури ќе членува. Русија тогаш предупреди дека современите ракетни системи во тој случај би стасувале до Москва за само неколку минути, без можност рускиот одбранбен систем да може да реагира и порача дека ќе мора да преземе чекори за осигурување на сопствената безбедност.

„Доколку се апстрахира проблемот со заканата од агресијата на САД врз Куба, која беше сосема реална, тогаш главниот поттик од воено-стратешка гледна точка беше фактот на распоредување американско нуклеарно оружје во непосредна близина на границите на СССР“, вели Лавров.

Во тоа време, потсетува првиот руски дипломат, покрај ракетите „Јупитер“, САД поседувале и околу 4.500 нуклеарни боеви глави, неколкукратно повеќе отколку вкупниот број нуклеарно оружје на тогашниот Советски сојуз.

„Важен фактор беше и тоа што ‘Јупитер’ во однос на неговите карактеристики во СССР и на Западот се сметаа за средство за ‘прв удар’. Имајќи го ова предвид, одлуките што биле донесени тогаш беа засновани на реалните безбедносни закани за нашата земја“, заклучува Лавров во сегментот од интервјуто посветен на Украинската криза која ескалира засега на меѓусебни обвинувања на веројатно употребување на оружја за масовно уништување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.