Лавров доаѓа во Скопје, руската амбасада во Софија поврди дека е дозволен прелет на неговиот авион

Амбасадата на Русија во Бугарија соопшти дека бугарските власти дозволиле авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров да го прелета бугарскиот воздушен простор за да допатува на самитот на ОБСЕ во Македонија.

Претходно портпаролот на Европската  унија, Петар Стано изјави дека дозволата за прелет на авионот на руското министерство за надворешни работи не претставува кршење на санкциите против Русија.

Состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ ќе биде одржан во Скопје на 30 ноември и 1 декември. Најавено е во Скопје да допатува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, но засега не е предвидено тој да има одвоена средба со рускиот колега Лавров.

Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, изјави дека Вашингтон не побарал средба, „нема да ја побараат и нема да има средба“, пренесњ агенцијата ТАСС.

„Веќе има неколку барања за средби – вклучително и од западни претставници“, рече Лавров, без да именува ниту една земја.

„Наводно, Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор. Ако тоа се случи, ќе бидеме таму. Ќе видиме“, рече Лавров.

„Се разбира, ќе се сретнеме со сите“, рече Лавров. „Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме“, додаде во понеделникот шефот на руската дипломатија.

Блинкен во Скопје ќе допатува од Брисел каде што денеска и утре ќе присуствува на состанокот на Советот на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, на која САД, како што е официјално соопштено, ќе се фокусираат на Украина и растечките напнатости на Балканот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.