Лавров ги отфрли тврдењата дека Русија се меша во внатрешните работи на земјите од западен Балкан

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во неделата ги отфрли тврдењата на функционери од Западот дека Москва се обидува да се меша во внатрешните работи на земјите од западен Балкан за да го оствари своето влијание во регионот, посочувајќи дека Русија со сите земји во светот одржува односи кои почиваат на меѓусебното почитување и заедничките интереси.

„Свикнавме на тврдењата дека Русија наводно се обидува да се меша во животот на западен Балкан. Имаме односи со Србија и со другите земји во регионот кои се темелат на заемната полза, односно балансот на интересите“, изјави Лавров на заедничката прес-конференција во Белград со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Лавров во неделата вечерта допатува во Белград, каде што на дводневниот состанок ќе ја претставува Русија како земја набљудувач на собирот на челниците по повод одбележувањето на 60-годишнината од првата конференцијај на Движењето на неврзаните чиј домаќин е Србија.

Лавров, во контекстот на странското влијание во земјите на западен Балкан рече дека токму од Брисел (каде што се седиштата на Европската унија и на НАТО) покажуваат интерес за регионот оспорувајќи им го тоа на другите.

„Претходната шефица на еудипломатијата Федерика Могерини своевремено изјави дека кога ЕУ некаде учествува другите немаат што да бараат, а ЕУ смета дека може да ја спроведува својата политика, којашто е далеку од конструктивна, и во регионите кои се далеку од Европа“, посочи Лавров.

„Нам ни зборуваат дека таму каде што тие имаат интерес, ние таму не треба да имаме иницијатива“, истакна шефот на руската диплоамтија оценувајќи дека тоа претставува „неоколонијално размислување“.

Како што истакна Лавров, на неодманешното Генерално собрание на ОН, во разговорот со сегашниот шеф на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, директно побарал доколку некој со конкретни факти може да ги потврди неоснованите обвинувања дека Русија ги крши нормите на меѓународното право на западен Балкан или каде и да е во друг регион, дека „тоа треба и да го покаже“.

 

За соработката со Србија

Лавров потврди дека Москва непроменето се залага решавањето на косовското прашање да се заснова на почитувањето на Резолуцијата 1244 на ОН и во рамките на директниот дијалог меѓу Белград и Приштина, а да го одобри Советот за безбедност на ОН.

Тоа, како што додаде, е „цврстиот став на Русија“ кој повеќепати го истакнал и рускиот претседател Владимир Путин, порачувајќи дека Москва ќе го прифати „секое решение кое им одговора на Србија и на српскиот народ“.

Српскиот претседартел Александар Вучиќ, заблагодарувајќи им се на Сергеј Лавров лично и на Русија за поддршката на територијалниот интегритет и суверенитетот на Србија во решавањето на косовското прашање, истакна дека Белград е благодарен и за инсистирањето прашањето на отцепената и самопрогласена поранешна српска јужна покраина Косово и Метохија дека може да се реши „само со изнаоѓање компромис, а не со наметнување диктат на Србија“,.

Вучиќ рече и дека Србија има извонредно добри односи со Русија и дека „тоа не го крие, за разлика од оние коишто се срамат или се плашат тоа да го признаат“, истакнувајќи го своето задоволство од билатералните односи и поддршката од Русија во сите меѓународни организации и институции.

Српскиот претседател, како што рече, го запознал водечкиот руски дипломат и со „објективните стравувања“ кои се однесуваат на позицијата на Србија и српскиот народ во регионот, наведувајќи дека од Лавров го „добил видувањето на Руската Федерација“ и „важни совети“.

Вучиќ истакна дека Србија ќе остане воено неутрална земја, како и дека согласно со таа определба ќе ги развива своите одбранбени капацитети за да го одврати секој потенцијален агресор „од намерата да ја загрози слободата на Србија“.

Особено ѝ се заблагодари на Русија бидејќи помогнала да се осигури енергетската стабилност и безбедност на Србија и проача дека се надева дека Белград од Москва ќе ја добие „најповолната цена за гасот“ во Европа, очекувајќи дека Лавров ќе му ги пренесе таквите надежи на претседателот Путин.

Истакнувајќи дека „енергетското прашање во овој момент е многу важно“, Вучиќ рече и дека „не му е срам тоа да го бара и да моли за Србија“. Коментирајќи ја притоа енергетската криза во Европа, Вучиќ рече дека причината за тоа е што европските земји „од политички причини“ не потпишаа долгорочни договори со Русија за испораки на гасот.