Лавров: Или Украина ќе ги исполни нашите предлози или руската армија ќе одлучи за сè

Предлозите на Москва за решавање на проблемите во Украина му се добро познати на Киев – и Украина или ќе ги исполни за свое добро или руската армија ќе одлучи за тоа, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за агенцијата ТАСС.

– Нашите предлози за демилитаризација и денацификација на териториите контролирани од режимот, отстранување на заканите за безбедноста на Русија кои доаѓаат од таму, вклучително и нашите нови територии, му се добро познати на непријателот. Значењето е едноставно. Исполнете ги условите за свое добро. Во спротивно, за тие прашања ќе од лучува руската армија“, изјави синоќа Лавров.

Официјална Москва својата инвазија на Украина ја нарекува „специјална воена операција“ за „демилитаризација“ и „деназификација“ на својот сосед. Киев и неговите западни сојузници ја нарекуваат агресија во империјален стил, чија цел е да ја заземе земјата.

Во септември, Москва објави анексија на четири украински провинции – Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, откако одржа референдум што Киев и неговите сојузници го отфрлија како лажен и незаконски.

Рускиот претседател Владимир Путин во неделата изјави дека Русија е подготвена да преговара со сите страни вклучени во војната во Украина, но дека Киев и неговите западни поддржувачи ги отфрлиле преговорите.

И Киев и Вашингтон оценуваат дека Русија не сака преговори, при што Москва не одговара на украинските предуслови, кои вклучуваат целосно повлекување на руските трупи од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој беше окупиран во 2014 година.

Лавров изјави за ТАСС дека кога станува збор за тоа колку долго ќе трае конфликтот, „топката е во теренот на режимот, а Вашингтон стои зад него“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.