Лавров: Москва се противи на иницијативите за смена на власта во Венецуела со рецепти однадвор

Москва се спротивставува на сите обиди на Венецуела да и се наметнат рецепти за промена на режимот однадвор, бидејќи кризата може да биде решена само преку дијалог, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

-Има прашање за тоа дали Русија може да се согласи со условите за замена на Мадуро (како претседател на Венецуела). Околу ова прашање веќе беше формирана иницијатива на Европската унија, а беше создадена и иницијативата на таканаречената „група Лима”. Ние ваквите иницијативи не ги сметаме за корисни или продуктивни, рече Лавров.

Според него, оние кои веруваат (како што прават многу земји на Западот) дека „е неопходен дијалог, но само со единствена цел да се разгледаат критериумите за смена на режимот, тоа веќе не е посредништво, туку наметнување на рецепти однадвор“, додава Лавров пренесен од руските медиуми.

-Ја слушнавме пораката на Вашингтон дека не може да има други варијанти, освен смена на актуелниот претседател. Тие отворено се закануваат со сите варијанти што се уште се на масата за преговори, додаде рускиот министер за надворешни работи, подвлекувајќи дека решението на кризата во Венецуела може да биде најдено единствено преку дијалог, без претходни условувања.