Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој во неделата на Филипони учествуваше во форумот на Асоцијацијата на земјите од југоисточна Азија (АСЕАН) в Манила се сретна со шефовите на кинеската дипломатија Ванг И, на турската Мевлут Чавушоглу и со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон кому му ги појаснил противмерките на Москва преземени како договор на најновиот круг американски санкции, пренесуваат агенциите.
Лавров за медиумите изјавил дека во разговорот со американскиот колега истакнал дека „носењето на американскиот закон за санкции против Русија се уште една алка во непријателските и опасните за меѓународната стабилност чекори, кои ќе нанесат силен удар врз перспективите на билатералната соработка“.
„Со Рекс Тилерсон имавме долга средба. Го интересира, во прв ред, и со тоа започна, детали за одлуките кои беа неопходно да се донесат како одговор на новиот закон за антируските санкции од страна на американскиот Конгрес. Ги дадовме таквите објаснувања“, изјавил Лавров.
Шефот на руската дипломатија истакнал дека објаснувањата биле дадени врз основа на интервјуто на претседателот Владимир Путин за телевизијата Россия.
„Во него сѐ беше детално образложено, појаснети беа причините за одлуките кои ги донесовме по долго очекување дека САД нема да тргнат по патот на конфронтирањето. Но, за жал, русофобното настроение кај членовите на Конгресот попречија тоа да се оствари“, додал Лавров.
Москва е подготвена за нормализација на дијалогот со Вашингтон доколку САД се откажат од конфронтациите, посочил шефот на руската дипломатија.
„Се разбира, таквите активности, вклучително и нелегалното затворање од декември минатата година на нашите дипломатски имоти, не можеа да останат без одговор. Така ќе биде и во иднина. Наместо тоа, ние сме подготвени за дијалог доколку Вашингтон се откаже од позицијата на конфронтирање“, се наведува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.
И покрај постојаните повици на руската страна американските политичари да се воздржат од деструктивни дејствија во однос на билатералните односи меѓу двете суперсили, на 27 јули американскиот Конгрес донесе закон за заострување на санкциите против Русија, кој за разлика од претходните го обврзува претседателот да не може самостојно да го ублажи.
Минатата седмица рускиот премиер Дмитриј Медведев изрази уверување дека новите санкции против Москва ќе дејствуваат со децении и ќе вклучуваат поостри ограничувачки мерки од оние содржани во познатиот амандман на Џексон – Веник, усвоен во 1974 година, во времето на Студената војна, кој беше укинат 38 години подоцна.
Како одговор Русија, на 28 јули соопшти дека им забранува на персоналот на американските дипломатски мисии пристап до сите простории кои ги имаат во Москва, како и на рекреативниот центар во Серебрјани Бор, како и за намалување на бројот на американските дипломати до 455 лица. На 1 септември Русија мора да ја напуштат 755 дипломати и технички персонал на дипломатските мисии на САД во Руската Федерација.
Во текот на разговорите двете страни изразиле уверување дека е корисно да се задржи форматот на дијалог меѓу замениците на шефовите на дипломатиите, Сергеј Рјабков и Томас Шенон.
„Како што е познато, постои механизмот Рјабков – Шенонн. Замениците министри за надворешни работи веќе има неколку средби. Сметаме дека е корисно да се зачува таквиот формат на контакти и во тие рамки да продолжи разгледувањето на сите сложени прашања од нашата билатерална агенда, којашто, за жал, е се помала“, рекол Лавров.
„Ја почувствуваме подготвеноста на нашите американски колеги за продолжување на дијалогот. Сметам дека алтернатива на ова едноставно не постои“, додал првиот руски дипломат.
Првата средба на работните групи коишто ги предводат Рјабков и Шенон се одржа на 8 мај годинава во Њујорк, а втората која требаше да се одржи во Санкт Петербург на 23 јуни Русија ја откажа поради одлуката на САД да ги зајакне антируските санкции, и на крајот се одржа на 17 јули во Вашингтон.
Контакти за Сирија
Лавров, исто така, рекол дека Русија се надева на продолжување на комуникацијата со САД во врска со Сирија и во воената и во политичка смисла.
„За решавањето на сириската ситуација контактите меѓу нашите претставници постои, вклучувајќи го и развојот на она што е договорено меѓу Русија, САД и Јордан за создавање на јужната зона на деескалација во Сирија“, рекол Лавров.
„Се надеваме дека и другите аспекти од сириското прашање, како воениот така и политичкиот, ќе продолжат контактите со САД. Тие никогаш и не престанаа“, додал дипломатот.
Русија ги повикува надворешните фактори во Сирија на синхронизирано дејствување со сириската страна за изнаоѓање нови компромиси за надминувањето на конфликтот.
„Нема да биде лесно да се договорат параметрите за деескалацијата во (сириската покраина) Идлиб. Тоа е најсложената ситуација во четирите зони кои ги договорија во мај во Астана, Русија, Турција и Иран. Поаѓаме од тоа дека оваа тројка, како и другите фактори вклучително и САД, севкупно имаат влијание врз сите вооружени формации, бунтовници, со исклучок секако на терористите, кои никогаш нема да бидат опфатени со некаков договор“, смета Лавров.
„Доколку се синхронизираме, и Русија, и Турција, и Иран, и коалицијата предводена од САД, сите ќе го искористиме своето влијание врз конкретните внатрешни чинители кои со оружје се спротиставени ‘на теренот“, а ќе идат изнајдени новите компромисни предлози, кои ќе придонесат за прекин на огнот и создавање услови за политички процес“, додал Лавров.
Шефот на руската дипломатија ја истакнал неопходноста за строго почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
„Разговаравме (со Тилерсон) за следните чекори за решавање на сирискиот конфликт, вклучително и развојот меморандумот од јули меѓу Русија, САД и Јордан за воспоставување зони на деескалација во југозападна Сирија“, при што Лавров нагласил дека треба да се почитуваат и резолуциите донесени до Советот за безбедност при ОН.
Соработката во кибернетичката безбедност
Рускиот министер за надворешни работи, покрај тоа, рекол дека му кажал на американскиот државен секретар за потребата од воспоставување на меѓусебната соработка во областа на кибернетичката безбедност во согласност со меѓусебното разбирање за ова прашање до кое дојдоа челниците на двете земји во јуни на самитот на Г20 во Германија.
„Потсетив на согласноста којашто беше постигнато меѓу претседателите на Русија и САД во Хамбург, вклучувајќи ја и потребата од воспоставување а соработката во сферата на кибернетичката безбедност, борбата со компјутерскиот криминал и одвраќање на кибернетичките напади“, изјавил Лавров.