Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска на состанокот со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во Москва дека нападите на САД врз воздухопловната воена база во Сирија претставуваат кршење на правата и оти е важно да не се дозволи да се повторат.
– Важно ни е да знаеме каков е вашиот став, ставот на САД и какви се вистинските намери на американската администрација, нагласи Лаворов на почетокот на состанокот со Тилерсон, кој денеска престојува на официјална посета во Москва.
Шефот на руската дипломатија му нагласил на неговиот американски колега дека сака искрени и чесни разговори за формирање на антитерористичка коалиција.
– Многупати истакнавме дека сме подготвени за конструктивен дијалог на рамноправна основа со САД, потсети Лавров, порачувајќи дека Москва се залага за колективна акција.
Тилерсон на состанокот наведе дека линиите за комуникација меѓу САД и Русија секогаш ќе останат отворени, оценувајќи дека денешниот состанок се одржува во важен момент, со цел Вашингтон и Москва да ги прецизираат полињата од заеднички интерес.
Американскиот државен секретар потенцираше дека „тоа се применува дури и кога тактиките се различни“.
– Сакаме да ги прецизираме областите во кои постојат остри разлики во ставовите со цел да сфатиме зошто тие постојат и какви се шансите за намалување на тие разлики, објасни Толерсон.
Тој истакна дека се радува на отворените, чесните и искрените разговори за подобро да се дефинираат американско-руските односи.