Лавров оцени дека Западот се обидел да ја исполитизира декларацијата на Г20

Учесниците на самитот на Г20 на индонезиски Бали речиси ја завршија работата над завршната заедничка декларација, изјави во вторникот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за новинарите потенцирајќи дека западните земји се обиделе да ја исполитизираат со обидот да вметнат формулација со која се осудува Русија во името на целата Г20, односи и самата Русија, а за обраќањето на украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека било „интересно“.

Претходно агенцијата Reuters објави дека во нацрт-декларацијата којашто ја имал на увид било наведено дека „мнозинството“ членки „силно ја осудуваат руската војна“ во Украина.

„Да Западот ја додаде фразата дека ‘ние, многуте делегации“ ја осудуваме Русија. Ние запишавме дека беа изнесени и алтернативни гледишта. Сметаме дека тоа е сосема доволно за да не навлегуваме длабоко во ова прашање, тоа не е работа на Г20“, рече Лавров кој претходно во понеделникот порача дека глобалните безбедносни прашања никогаш не биле тема на оваа платформа.

Учесниците на самитот во Индонезија ќе ја одобрат завршната заедничка декларација по заседанието во среда.

„Да, нашите западни колеги се обидоа на сите можни начини да ја исполитизираат оваа декларација и се обидоа да го протуркаат јазикот кој имплицира осуда на постапките на Руската Федерација во името на целата Г20, што нѐ вклучува и нас“, додаде шефот на руската дипломатија.

„Но, да бидеме чесни и јасни дека со врска во тоа имаме различни ставови. Да, во Украина се води војна, хибридна војна којашто Западот ја започна и ја подготвуваше со години“, рече Лавров.

Војната, којашто Русија ја дефинира како „специјална воена операција“, беше во фокусот на западните земји на самитот на Г20 и покрај повиците на земјата домаќин Индонезија на единство откако го отфрли инсистирањето од Западот да не ја покани Москва но го покани украинскиот претседател да се обрати, иако неговата земја не е членка на форумот. Индонезија, исто така, повика фокусот на самитот да биде ставен на глобалните економски проблеми како што се инфлацијата и енергетската и прехранбена безбедност.

Лавров, кој ја предводи руската делегација во името на рускиот претседател Владимир Путин, повтори дека работата на декларацијата се приведува при крајот,

„Декларацијата за којашто зборува ги опфаќа сите области за кои разговаравме, вклучително храната и енергијата, здравството и дигитализацијата“, рече Лавров.

Лавров во вторникот на маргините на состанокот на Г20, оцени дека се нереални украинските услови за почеток на преговорите за запирање на војната.

„Сите проблеми произлегуваат од тоа украинската страна категорички ги одбива преговорите и поставува очигледни нереални барања кои не се во согласност со ситуацијата“, рече шефот на руската дипломатијата.

Лавров, исто така, извести дека Обединетите нации му ги пренеле американските и европските пишани ветувања дека ќе ги отстрани пречките за извоз на руското жито и неопходните вештачки ѓубрива.

 

„Интересно“ обраќање Зеленски

авров притоа истакна дека на маргините самитот имал куси разговори со германскиот канцелар Олаф Шолц и со францускиот претседател Емануел Макрон.

„Тие многу добро знаат дека Украина го забавува овој процес, која, меѓу другото, со декретот на Зеленски ги забрани преговорите со Русија. Тоа не е прашање до нас (…) Потсетив дека сите проблеми се на украинската страна, која категорично одбива секакви преговори и поставува услови кои очигледно се нереални и несоодветни во оваа ситуација“, рече Лавров.

Рече дека, Москва од своја страна постојано ја потврдува дека не ги одбива преговорите и дека „колку подолго Киев ја зазема таквата позиција, толку потешко ќе биде да се постигне договор“.

За обраќањето на украинскиот претседател Зеленски на самитот на Г20, кој беше емитуван како снимка, Лавров забележа дека говорот траел 20 минути, иако на другите учесници им биле даден само по околу три минути за да се искажат.

Обраќањето на Зеленски беше „многу интересно“, рече притоа шефот на руската дипломатија.

„Нема да набројувам што сѐ кажа – имаше воинствена реторика, агресивна, русофобна, но содржината на овој говор и состојбата на оваа личност (Зеленски) најдобро се карактеризира со неговата фраза, не многу ненаместена и соодветна, но искажана. Тој рече дека истоварувањето на сојузниците во Нормандија во 1944-та означила пресвртница во Втората светска војна. Самите извлечете заклучоци“, рече Лавров.