Лавров разговараше со специјалниот кинески претставник за шансите за мир во Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и кинескиот специјалниот претставник за Евроазија, Ли Хуи, разговарале во петокот во Москва за изгледите за запирање на војната во Украина, а истовремено американскиот весник The Wall Street Journal објави дека кинескиот дипломат на соговорниците во Европа им кажал дека ќе мора да го признаат рускиот суверенитет врз југоисточните украински региони доминантно населени со руско и рускојазично население.

И покрај силниот притисок и закани од Западот, Кина која потпиша со Русија партнерство „без ограничувања“ помалку од три седмици пред почетокот на руската инвазија во Украина одбива да ја осуди оваа активност на Москва, а уште повеќе драстично го зголеми увозот на руски енергенси по почетокот на војната. Кина изнесе пролетва план до 12 точки за постигнување мир во Украина кои вклучува прогласување мир, но не повлекување на Русија од териториите кои ги зазема, што Киев го отфрли како клучно барање во неговите услови за почеток на преговори за запирање на војната.

Лавров на состанокот со Ли изразил благодарност за „урамнотежената позиција“ на Кина и подготвеноста да игра позитивна улога, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Ли, кој деценија мина како амбасадор во Москва, пред посетата на руската престолнина беше на турнеја по европските престолнини, а минатата седмица го посети и Киев.

По тие преговори, Кина официјално соопшти дека сака „да формира најголем заеднички именител за решавање на украинската криза, и оти ќе вложи сопствени напори во запирањето на борбите и (воспоставување) прекин на огнот и да го врати мирот што е поскоро можно“.

Од Киев објави дека украинските министер за надворешни работи Дмитро Кулеба му рекол на Ли Хуи дека нема да го прифати предлогот кој вклучува губење на украинска територија или замрзнување на судирот.

Во петокот The Wall Street Journal, повикувајќи се на неименувани европски дипломати упатени во разговорите на Ли во европските престолнини, објави дека кинескиот специјален претставник за Евроазија го повторил предлогот за постигнување мир во Украина, со тоа што Русија би ги задржала четирите региони кои ланскиот септември преку референдуми кои не ги признава Киев и Западот станаа дел од руската држава.

„Кинескиот претставник (…) пренесе јасна порака: сојузниците на Соединетите држави во Европа треба (…) да повикаат на итен прекин на огнот“, пишува весникот и истакнува дека во тој случај Русија би ја задржала контролата врз југоисточните украински региони, вклучително и црноморскиот полуостров Крим кој се отцепи и се присоедини на Руската Федерација по превратот во Киев во 2014 година.

Европските функционери соговорници на WSJ рекле дека кинескиот дипломат ги повикал европските влади да дејствуваат брзо за запирање на конфликтот во Украина пред тој да ескалира. Но, според еден од дипломатите кои разговарале со кинескиот колега, на Ли јасно му било ставено на знаење дека „замрзнување на непријателствата не е во интерес на меѓународната заедница сѐ додека Русија целосно не ги повлече своите трупи од територијата на Украина на границите до 2014 година.

Со посетата на Русија се заокружува турнејата на кинескиот специјален пратеник Ли Хуи, во чии рамки престојуваше и во Украина, =Полска, Франција, Германија и Белгија, каде разговараше за мировната иницијатива на Пекинг за политичко решавање на украинската војна.

Кинескиот план објавен во февруари годинава во 12 точки преставува група принципи, но западните сојузници на Украина наведуваат дека не содржел „детална мапа на патот кон мирот“. Поради тоа, Западот предводен од САД изрази скепса, а НАТО ѝ порача на Кина дека „ѝ недостига кредибилитет за да биде посредник“.