Лавров: Русија е подготвена да ја гарантира безбедноста на украинските бродови во соработка со Турција

Москва е подготвена да ја гарантира безбедноста на бродовите со жито што ги напуштаат украинските пристаништа, во соработка со Турција, изјави денеска во Анкара рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Подготвени сме да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа… во соработка со нашите турски колеги“, рече Лавров на заедничката прес-конференција со неговиот турски колега Мевлут Вуавушоглу.

Лавров синоќа пристигна во Анкара на разговори за воспоставување безбедносни коридори за олеснување на извозот на жито во Црното Море.

На барање на Обединетите нации, Турција ја понуди својата помош за придружба на конвои од украинските пристаништа и покрај опасноста од мини поставени таму поради руската инвазија на Украина.

Чавушоглу рече дека планот на ОН е „разумен и остварлив“ и дека „Украина и Русија треба да го прифатат“.

Украина е четвртиот најголем извозник на пченка во светот и беше на пат да стане трет најголем извозник на жито во светот, пред војната. Поради војната што започна на 24 февруари, цените на житото скокнаа и се закануваат да предизвикаат глад во земјите кои зависат од таа храна, особено во Африка и Блискиот Исток.

Чавушоглу оцени и дека укинувањето на санкциите поврзани со рускиот извоз на земјоделски и некои други производи е „легитимно“.

„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рече Чавушоглу. Тој конкретно го спомна извозот на руски „житарки и ѓубрива“, кој не беше зафатен од санкциите на Западот против Москва, но всушност беше спречен поради суспензијата на банкарските и финансиските трансакции со Русија.

Непосредно пред војната, Киев извезуваше 12 отсто жито, 15 отсто пченка и 50 отсто сончогледово масло во светот на месечно ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.