Лавров: САД и НАТО учествуваат во војната во Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека САД и НАТО се учесници во војната во Украина поради помошта што ја даваат на Киев, обвинувајќи ги дека обучуваат украински војници на нивна територија.

Лавров на прес-конференцијата рече дека Вашингтон и Северноатлантската Алијанса се вклучени во војната бидејќи ја снабдуваат Украина со оружје и ѝ обезбедуваат воена обука на своја територија.

– Не кажувајте дека САД и НАТО не учествуваат во оваа војна – вие директно учествувате. Вклучувајќи не само испорака на оружје, туку и обука на војници – вие обучувате (украински) војници на вашата територија, рече тој.

Шефот на руската дипломатија додаде дека САД се „егзистенцијална“ закана за Русија од Украина.

Тој рече дека Западот имал реална шанса да избегне конфликт во Украина, но избра да ги отфрли руските предлози да се запре проширувањето на НАТО и договорот за посебен безбедносен статус за Киев.

Западот вели дека руските предлози дадени пред војната во Украина биле нереални и неискрени.

Лавров рече дека Москва е подготвена да сослуша доколку некој сака да преговара за Украина.

Тој, исто така, нагласи дека се апсурдни тврдењата на Украина дека Русија сака преговори за да добие време да се прегрупира и да ги обнови своите вооружени сили.

Шефот на руската дипломатија истакна и дека пред војната во Украина Русија многу, многу години ги предупредуваше сите. Неодамнешните изјави на папата Франциск за Украина ги нарече „нехристијански“ и тешки за разбирање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.