Лавров: Спорот меѓу Грција иТурција да се решава во согласност со меѓународното право и со дијалог

28

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров, кој вчера ја почна балканската тура со посета на Грција, кажа по повод нејзиниот спор со Турција за разграничувањето во Средоземно Море и правата на експлоатација на гас и нафта дека сите спорови во регионот треба да се „решаваат во согласност со меѓународното право“ и со дијалог.

Иако со тоа се сложуваат во принцип и Грција и Турција што повеќе пати го изјавија, Атина кажа дека не може да разговара со Анкара сѐ додека таа продолжува со потрагата по наоѓалишта на енергенси во областите што Грција смета дека се нејзини.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас им кажа на новинарите дека „заедничкиот именител“ во прашањата за кои разговарал со Лавров била „дестабилизирачката улога на Турција, нејзините неосмански, експанзионистички погледи“.

По повод новата намера на Турција за истражување во областа за која Атина тврди дека е во грчкиот дел на епиконтиненталниот појас, Дендијас по средбата со Лавров кажа дека е „очигледно дека Турција вложува во ескалација на тензиите“.

Тој пренесе дека на својот руски колега „јасно му дал до знаење дека Грција е спремна на сите непредвидени случаи и дека нема друг избор освен да го брани својот суверенитет и своите суверени права“.

Дендијас истакна дека во разговорот со Лавров го отворил и прашањето на продажбата на руско оружје на Турција.

Шефот на грчката дипломатија кажа дека на Лавров му изразил и загриженост поради „особено негативната улога на Турција“ која се обидува да ги поткопа успесите во сузбивањето на Исламска држава, и ја обвини Турција дека станала „туристичка агенција за џихадистите што ги превезува во разни проблематични области во регионот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.