Лавров во вторник во Белград

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во вторник, на 15 декември, ќе дојде во Белград, каде ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Танјуг од дипломатски извори.

По разговорите се очекува Вучиќ и Лавров да и се обратат на јавноста, јави дописникот на МИА од Белград.

За време на посетата, шефот на руската дипломатија ќе се сретне и со неговиот српски колега, министерот Никола Селаковиќ.

Тој традиционално за руските официјални лица ќе го посети споменикот на ослободителите на Белград, како и храмот Свети Сава и ќе положи венец на гробот на патријархот Иринеј.

Станува збор за посета која првично беше планирана за крајот на октомври, но рускиот министер беше во самоизолација непосредно пред патувањето поради контакт со лице заразено со коронавирус, а сите планирани посети и состаноци беа одложени, објави прес-службата на руското Министерство за надворешни работи.

Како што е веќе најавено, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров на 14 декември ќе престојува во официјална дводневна посета на Босна и Херцеговина (БиХ), кога ќе има официјални средби со тричленото претседателство на БиХ, претседавачот Милорад Додик и членовите Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, како и со министерот за надворешни работи на БиХ, Бисерка Турковиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.