Лавров: Западот повеќе не е во хибридна, туку во речиси вистинска војна со Русија

Западот повеќе не е во хибридна војна со Русија, туку во војна која е „речиси вистинска“, кажа денес шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи повторно го критикуваше Западот поради испраќањето оружје вредно милијарди долари на Киев. Лавров ова го кажа за време на заедничката прес-конференција со јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор.

Лавров истакна дека Русија не се откажала од преговорите со Киев и додаде дека Западот сака да ја врати Русија на границите од 1991 година.

„Никој од новинарите не ги прашува нашите западни колеги, претставниците на американската администрација, на ЕУ или НАТО, кои изјавуваат дека е прерано Украина да почне преговори. Потребно е прво да забележат повеќе победи во актуелните околности, па дури потоа да почнат преговори од посилна позиција“, кажа тој, коментирајќи го „лицемерното однесување на западните политичари и медиуми“.

„Војната која Русија ја води со Западот повеќе не е хибридна војна, бидејќи многу малку ѝ фали да стане вистинска“, кажа Лавров.