Лазар Нанев разрешен од Советот за ИКТ, соопшти Лога, Судскиот совет да отвори постапка за утврдување одговорност

Министерот Кренар Лога го разреши судијата Лазар Нанев од член и Претседател на Советот за координирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудните органи.

Лога рече дека по добивање и анализа на материјалите за седница на Судскиот совет констатирал дека во доставените материјали се присутни сериозни наводи за нарушен интегритет на судија и до Судскиот совет веќе доставил допис за отворање на постапка за утврдување на одговорност за работата на судијата Лазар Нанев.

„Заради сериозноста на наводите кои упатуваат на можни злоупотреби, кои воедно се поткрепени и со писмени наводи доставени од Вишото јавно обвинителство Скопје и до Министерството за правда, се до утврдување на целосната фактичка состојба во која е неопходно итно постапување и од страна на Судскиот совет ја информирам јавноста дека со Одлука за изменување на Одлуката за формирање на Советот за ИКТ, која ја донесов денеска судијата и претседател на Основниот суд Кавадарци е ослободен од должноста член на Советот за ИКТ, а со тоа и претседател на овој Совет. Во оваа прилика му се заблагодарувам за досегашната соработка.“ – изјави Лога.

Во рамките на своите активности Советот за ИКТ предлага, создава, спроведува и обезбедува ИКТ решенија, што имаат за цел зголемување на ефикасноста и транспарентноста на правосудниот систем, како и централизирање на информатичките системи воспоставени во Судскиот совет, Советот на Јавни обвинители, Врховниот суд, сите судови и обвинителства, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции и казнено-поправните и воспитно-поправните установи и Акакдемијата за судии и јавни обвинители, заради обезбедување на брз, автоматизиран и непречен пристап до податоци, како и нивна меѓусебна интероперабилна размена.

Лога, на прес-конференцијата рече дека иницирал и постапка за изработување на нов правилник за функционирање на Советот на ИКТ, врз основа на кој, како што најави, ќе биде формиран и нов состав на ова тело.