Лазаров: Само 33% од проектираните средства за трите пакети се искористени досега

Владата нема план за развој. Реализацијата на капиталните инвестиции е екстремно ниска, а мерките кои беа дел од 1, 2 и 3 пакет на мерки се промашени, а тоа се гледа од фактот што од 550 милиони евра колку што требаше да се поделат на граѓаните и стопанството само 190 милиони, или 33% завршиле кај фирмите и народот, вели Дарко Лазаров, Претседател на Комисија за економија н ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во Канал 77.

-Само околу 33% од проектираните средства за трите пакети се искористени  досега од тие 550 милиони колку што Владата кажуваше дека ќе ги даде како помош во економијата на граѓаните во стопанството, досега се искористени околу 180-190   милиони евра. Тоа покажува дека владата не креирала соодветни мерки, не дала соодветна помош во смисла на износ на буџетски средства кон економијата, тоа е едниот дел во мерење на ефикасноста  на антикризните мерки во контекст на справување на кризата, истакна Лазаров.

Тој зборуваше и за капиталните инвестиции, бидејќи на крајот на денот тие се тие кои создаваат додадена вредност во економијата, го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните, тие инвестиции се практично инвестиции во подобрување на климата на конкурентноста на една национална економија.

-Навистина имаме поразителни податоци во делот на капиталните расходи или капиталните инвестиции, заклучно со месец август имаме реализација на само 125 милиони  евра капитални инвестиции, а вкупните буџетски средства кои се потрошени заклучно со 8 месец се околу 2.5 милијарди евра, тоа значи само 5% од буџетот на Република Македонија оди за капитални расходи и тоа е навистина поразително и ја нарушува одржливоста на македонската економија во наредниот период, додаде Лазаров.

Имено Лазаров потсети дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со Претседателот, Христијан Мицкоски неколку пати од почетокот на кризата дадоа поддршка да се најдат финансиски извори за државата во делот на справување со кризата и ВМРО-ДПМНЕ изработи преодна стратегија пред изборите во делот на справување со здравствено економската криза во насока да даде некаков придонес  од позиција на опозиција.